ARTICLE AD BOX
Надвор сè уште се оди по кратки ракави, но во складовите за огрев зимата веќе почна. Се истовараат вреќи со пелети, се редат кубици дрва, а телефоните кај продавачите сè почесто ѕвонат со истото прашање: Колку е цената и имате ли достава?
Почетокот на септември традиционално е период кога дел од домаќинствата во Македонија почнуваат да го обезбедуваат огревот, но годинава интересот за пелетите е особено забележлив. На дел од продажните места побарувачката почнала уште во текот на летото.
„Поради големата побарувачка, целата количина пелети е распродадена до крајот на август“, стоеше во јулска објава на еден скопски продавач на пелети.
Причината е едноставна. Граѓаните што имаат простор за складирање не сакаат да го чекаат првиот студен бран, кога по правило расте побарувачката, а изборот се намалува.
Според актуелните пазарни пресметки, еден тон пелети во Македонија годинава се движи приближно од 14.500 до 22.000 денари, зависно од квалитетот, производителот, количината и доставата. Вреќа од 15 килограми чини околу 218 до 330 денари. За едно домаќинство кое во сезона троши четири до шест тони, сметката може да биде од околу 58.000 до над 130.000 денари.
Секако, има и поевтини понуди. Во актуелни огласи може да се најде тон пелети за околу 14.600 денари со вклучена достава, но цената многу зависи од местото на испорака и од квалитетот на производот.
Познавачите на пазарот предупредуваат дека кај пелетите не треба да се гледа само бројката на ценовникот.
„Најевтиниот пелет не мора да значи и најевтино греење. Ако има поголема влажност, повеќе пепел и послаба калорична моќ, домаќинството ќе потроши поголема количина“, објаснуваат познавачи на системите за греење.
Добриот стар огрев на дрва, сепак, останува сериозна конкуренција. Најновите податоци покажуваат дека продажбата на огревно дрво во земјава во 2026 година е зголемена за 8,6 проценти во однос на истиот период лани. Продадени биле 22.290 кубни метри, а огревното дрво и натаму е убедливо најбараниот шумски сортимент.
Но, разликата во цените може да биде голема.
Кај „Национални шуми“, просторен метар дабово огревно дрво чини 3.192 денари со ДДВ, а буката 3.092 денари. Доколку купувачот нема сопствен превоз, доставата дополнително чини околу 400 денари по кубен метар. Во приватните складови, пак, цената веќе се движи меѓу 4.750 и 5.000 денари.
На семејство на кое му се потребни шест кубици дрва, разликата меѓу поевтина и поскапа набавка може да достигне повеќе од десет илјади денари. Ако на тоа се додадат сечење, цепење, транспорт и редење, сметката дополнително расте.
Економистите велат дека ваквото рано купување огрев е очекувано однесување во период кога домаќинствата се обидуваат однапред да ги распоредат зимските трошоци.
„Кога станува збор за огрев, семејствата не ја гледаат само цената, туку и сигурноста дека ќе ја имаат потребната количина кога ќе застуди. Затоа дел од купувачите се подготвени да набават порано“, оценуваат економистите.
Пелети, дрва, струја, клима… секој си ја прави својата сметка.
Но, судејќи според тоа што веќе се случува по складовите, едно е јасно. Зимата календарски е далеку, ама купувањето за неа веќе почна.
Б.З.М.
The post Почна трката по огрев: Пелетите одат најбрзо, дрвата во приватните складови стигнаа до 5.000 денари appeared first on Денар.









English (US) ·
Macedonian (MK) ·