ARTICLE AD BOX
Кога денес велиме дека еден млад човек е „подготвен за работа“, што всушност значи тоа? Дали стекнатото образование е доволно или компаниите очекуваат многу повеќе уште од самиот почеток?
Еден од најголемите предизвици на бизнисите денес е што очекувањата растат побрзо од ресурсите. Се бара повеќе за пократко време, со повисок стандард на квалитет, но и со постојан притисок за иновативност, оригиналност и поголема конкурентност.
Во таква средина, сосема природно се менува и критериумот за тоа што значи „добар кандидат“. Денес повеќе не е доволно некој само добро да ја познава својата професија. Сè повеќе се бараат луѓе кои знаат како да го применат тоа знаење, да се адаптираат, да размислуваат самостојно и да создадат поголема вредност со она што им е на располагање.
Знаењето и стручните компетенции се подразбираат, но веќе одамна не се доволни. Се бараат поголема флексибилност, отпорност и приспособливост, способност брзо да учите, но и да се снајдете кога сценариото не е баш она што сте го очекувале. Со еден збор – се бара одредена професионална зрелост, и тоа многу порано во кариерата.
Интересно е што и последните глобални анализи го потврдуваат токму тоа. World Economic Forum, на пример, ги вбројува отпорноста, креативноста и приспособливоста меѓу најважните вештини што работодавачите ги бараат денес.
И тука всушност доаѓаме до една мала неправда кон младите: од човек кој допрва треба да го стекнува своето искуство често очекуваме зрелост која претходните генерации ја граделе токму низ првите неколку години работа.
Критериумите за влез во професијата стануваат сè повисоки, а времето што му го оставаме на младиот човек да созрее професионално – сè пократко.

Колку формалното и неформалното образование денес успеваат да го следат темпото со кое се менува пазарот на труд? Каде го гледате најголемиот јаз?
Од образованието отсекогаш сме очекувале да ги следи трендовите во технологијата, иновациите и бизнисот, а идеално и да биде чекор пред нив. Денес, повеќе од кога било, притисокот е огромен – како некако магично да треба да спакуваме образование кое ќе создаде профил што веќе следниот ден може продуктивно да се вклучи во комерцијален проект.
Но мене ми се чини дека проблемот не е само во тоа колку брзо ги менуваме програмите и дали во нив сме ја додале најновата технологија. Главниот проблем го гледам во тоа што и формалното, а во одредена мера и неформалното образование, и понатаму се обидуваат да ги класифицираат дисциплините, професиите, технологиите и афинитетите, барајќи некој калап што ќе одговара на сите. А реалниот свет одамна престана да функционира така.
Програмерот веќе не е само програмер. Маркетерот не може да биде добар маркетер без податоци и технологија. Проектниот менаџер не може да функционира без разбирање на бизнисот, технологијата, финансиите и, секако, луѓето. Улогите стануваат многу пошироки, понекогаш и прилично тешки за дефинирање.
И токму тука ја гледам онаа препрека што во континуитет се обидуваме да ја совладаме: можеби најголемиот јаз веќе не е само меѓу она што се учи и она што го бара пазарот, туку меѓу начинот на кој сè уште го организираме учењето и начинот на кој реално се работи.

Сè почесто гледаме огласи за junior и entry-level позиции во кои се бара претходно работно искуство. Дали очекувањата од младите кандидати станаа нереални?
Да, ова е една од нашите „омилени“ – во смисла на најгорливите теми за кои многу разговараме.
Секако дека има нешто контрадикторно во тоа да бараме претходно искуство за позиција која по својата дефиниција треба да биде почетничка, влезна. Но, од друга страна, сосема ги разбирам и компаниите. Денес имаат пократки рокови, попребирливи клиенти, поголеми трошоци и особено големи очекувања за продуктивност, а многу помал простор за долги периоди во кои некој само набљудува, учи и постепено се воведува во работата.
И токму тука се создава проблемот. Она што сега најмногу го бараме од младите – иновативност, флексибилност, способност да се снајдат под притисок, одговорност и добра проценка – само делумно се стекнува во училница.
Вистински се гради во реални ситуации. И не мислам на оние „лабораториски“ искуства каде што грешката нема никаква последица, туку на ситуации каде што има рок, клиент, тим, буџет, резултат и некој навистина зависи од она што ќе го испорачате. Не секоја прва можност мора веднаш да биде вработување. Може да биде пракса, проектна работа, работа со ментор, краток ангажман, реален клиентски проект или искуство во меѓународна средина.
Токму затоа во Avenga Academy во последниот период силно го прошируваме фокусот од пренесување знаење и работа на реални проекти во рамки на Академијата, кон создавање надворешни глобални можности каде тоа знаење ќе се примени во реална професионална средина. А ако од младите бараме повеќе зрелост уште на почетокот, тогаш и компаниите, образованието и бизнис-заедницата мора да создадат простор таа зрелост да почне да се гради. Првото искуство не мора да биде првата работа. Но некаде мора да постои простор за него.

Дали дипломата денес има иста тежина како пред десетина години? Кога пред себе имате двајца кандидати со слично образование, што е она што може да направи едниот да се издвои?
Дипломата е почетна референца, но никогаш не сум ја гледала како целосна слика за еден професионалец. Таа е некаков вид ветување – гаранција, ако сакате, за она што треба да стои зад неа.
И како со секое ветување, некој побрзо ќе ви поверува, некој ќе биде поскептичен, но неспорно е дека многу брзо ќе дојде моментот кога ќе треба да покажете кој сте и што навистина знаете.
Како реагирате во првата кризна ситуација, како комуницирате со колегите, како се однесувате кога ќе добиете feedback што не ви се допаѓа, дали умеете да признаете кога нешто не знаете, дали преземате одговорност, каква енергија носите во тимот, кои искуства ве обликувале – сето тоа се некакви професионални супермоќи кои во одреден момент можат сосема да ја фрлат во втор план дипломата.
Дипломата е ветување, искуството е доказ.
Но ова никако не значи дека образованието станува помалку важно. Напротив. Само значи дека сè побрзо мора да покажете што умеете да направите со она што сте го научиле.
AI веќе менува цели професии, вклучително и IT, дизајн, маркетинг и project management. Како тоа го менува профилот на junior кандидатот што компаниите ќе го бараат во следните неколку години?
Прво, AI не го менува само профилот на junior кандидатот. Начинот на кој AI ја менува нашата секојдневна работа буквално секојдневно еволуира и тоа е динамика која ќе нè засега сите, без оглед на сениоритетот.
Улогите стануваат мултидисциплинарни, се очекува поголема брзина и многу побрзо мерлива ефикасност. И тука профилот на новиот junior станува многу интересен.
Од една страна, со AI тој може да биде hands-on поспособен, побрз и попродуктивен од која било генерација пред него. Ниту една генерација немала можност да започне кариера со толку многу моќни алатки на дофат.
Од друга страна, може да биде и понекомплетен и поранлив ако со помош на технологијата прескокне искуства како реална работа во тим, проект, компанија или работа со клиент – сите оние ситуации од кои всушност се гради професионалната проценка.
Затоа мислам дека идниот junior нема да се издвојува само по тоа колку добро користи AI, туку и по тоа колку добро го разбира проблемот што треба да го реши, колку умее да процени што е добар резултат и колку добро функционира со луѓето околу себе. AI може да ја преземе задачата, но одговорноста за резултатот останува ваша.
Ако AI сè повеќе овозможува персонализирано, еден-на-еден учење и презема дел од техничката работа, дали улогата на образованието се намалува или, напротив, станува уште поважна?
Мене токму ова ми е едно од најинтересните прашања во моментов.
Ја следам глобалната дебата и, наспроти дистописките концепти, ме охрабрува тезата дека образованието не ја губи својата улога, туку можеби станува поважно од кога било – само со комплетно редефинирана улога.
Во образованието веќе подолго зборуваме за персонализирано, еден-на-еден учење, а AI тука отвора неверојатни можности. Но ако секој учи сам со својот персонализиран AI tutor, можеме да создадеме одлични, но прилично изолирани стручни познавачи.
А прашањето е: дали на истиот начин ќе создадеме професионални и креативни тимски играчи? Луѓе кои умеат да слушаат, да комуницираат, да се спротивстават со аргумент, да прифатат критика, да изградат доверба? Емпатични и силни лидери? Инспиративни, мотивирани, па ако сакате и среќни колеги?
Токму затоа мислам дека образованието ќе мора уште повеќе да создава простор младите луѓе овие способности да не ги учат само теоретски, туку да ги искусат и развиваат – преку луѓе, тимови, ментори, проекти, дискусии, успех, грешки и одговорност.
Технологијата ќе има огромно место во тој процес. Но токму затоа човечкиот дел од образованието може да стане уште поважен.
Дали млад професионалец од Македонија денес може рамноправно да конкурира на меѓународниот пазар без да ја напушти земјата? Што му е потребно за да биде конкурентен?
Апсолутно. И повеќе од тоа.
Нашиот регион веќе има многу примери на млади таленти и професионалци кои успешно работат на глобалниот пазар. Но, она што денес драматично се менува е пристапот.
Од Македонија можете да учите, да работите на реален проект, да станете дел од меѓународен тим и да градите кариера без физички да се преселите. Пред десетина години тоа беше многу потешко.
Секако, има и друга страна – ако имате пристап до глобален пазар, тогаш имате и глобална конкуренција. Тоа што пазарот ви станал поголем не значи дека автоматски ви станал полесен.
Потребни се знаење, напредно познавање странски јазици, професионална комуникација, добро портфолио, способност добро да се претставите, дисциплина за remote работа, но и искуство дека знаете да функционирате во различни културни и деловни контексти.
Географијата денес многу помалку ја ограничува кариерата, а со тоа, би рекла, ви остава и многу помалку простор да ја користите како изговор за помали амбиции.
И токму како да го олесниме тој прв чекор кон меѓународниот пазар стана еден од нашите главни приоритети оваа година. Затоа во Avenga Academy воведуваме можност нашите студенти, уште од Македонија, да го надградат стекнатото знаење со реално искуство во меѓународна професионална средина.
Една од можностите што ја нуди Avenga Academy е пристапот до меѓународна онлајн пракса по завршувањето на студиите. Што конкретно добива еден млад човек од вакво искуство што не може да го добие само во училница?
Ако треба многу едноставно да го сведам нашиот пристап на три чекори, тоа би било: учење – искуство – кариера. На нашите студенти им овозможуваме пристап до добро организиран и структуриран систем за меѓународни практикантства, со мрежа од над 20.000 компании во повеќе од 190 земји во светот.
И мислам дека за студентите подеднакво вреден може да биде целиот процес, не само крајниот исход. Уште додека аплицира, студентот учи како професионално да се претстави, како да помине интервју, како да комуницира со некој од друга деловна култура. Ако добие можност за проект, тогаш учи remote работа, feedback, одговорност, рокови и на крај добива нешто реално што може да го стави во CV и во портфолио.
И тука за мене е суштината на нашата годинашна порака: „Искуството е новата диплома“ не значи дека дипломата повеќе не вреди. Значи дека знаењето денес добива сосема друга тежина кога ќе го ставиме во реален контекст.
За крај: Ако денес повторно имате 20 години и треба од почеток да ја градите својата кариера, на што би вложиле најмногу време?
Прашањево веднаш ме потсети – и, да бидам искрена, ме насмеа – на еден коментар што ми го даваа моите родители кога одев на првите интервјуа за работа.
Ми велеа да не кажувам баш сè – колку сум волонтирала, во колку иницијативи сум била, какви проекти сум работела – затоа што идниот работодавец ќе помислел дека веќе сум се изморила и дека нема да ми остане енергија за „вистинската“ работа. Секако, не ги послушав :)
И денес гордо велам дека, покрај формалното образование во областа на правото и бизнисот, огромен дел од она што сум професионално е продукт токму на неформалното образование, кое во тоа време не беше ни дел од официјалната номенклатура, но со текот на времето стана речиси златен стандард за луѓето кои умеат добро да се снаоѓаат во мултидисциплинарни улоги.
Веројатно затоа и станав толку голем поборник за неформалното образование и, на некој начин, речиси целата кариера ја посветив на него.
Ако повторно имам 20 години, кога ќе размислам, не сум сигурна дека би направила нешто драматично различно. Повторно би инвестирала во постојано учење, би прифаќала нови искуства и предизвици. И, колку и да звучи старомодно, во многу читање, добро воспитување, култура, манири и дисциплина.
И веројатно не би ги доживувала толку конечно одлуките за тоа што точно ќе бидам утре. Патувањето е поинтересно кога имаме слобода и храброст да скршнеме кон нешто повозбудливо и ново.
Ова е време во кое е сосема легитимно да сме резервирани, па и малку исплашени. Но постои и друга перспектива: ниту една генерација немала толку моќни алатки на дофат уште на самиот почеток на кариерата.
Затоа, со вистински пристап и со добри избори, мислам дека ова навистина може да биде фантастично време да се започне кариера.








English (US) ·
Macedonian (MK) ·