ARTICLE AD BOX

Сериозен сообраќаен застој и долготрајни чекања вчера ги дочекаа патниците на граничниот премин Евзони, каде што се формираа колони и за влез и за излез од Грција. Иако официјалните грчки служби не излегоа со соопштение за причините зад вчерашниот хаос, метежот директно се совпадна со крајот на привремените олеснувања за Системот за влез и излез (EES) на ЕУ, кои престанаа да важат точно од вчера, 6 септември.
Инаку, во текот на изминатава летна сезона, грчките гранични цариници речиси постојано им отвараа дигитални профили на патниците од трети земји, иако според европските регулативи имаа опција да го прекинат земањето биометриски податоци во случаи на големи гужви. Со истекувањето на оваа можност, сите биометриски проверки стануваат целосно задолжителни.
Крај на флексибилноста на шенген - границите
Патниците од земји надвор од Европската Унија во наредниот период мора да се соочат со подолги чекања на сите надворешни граници на Шенген-зоната.
EES системот, кој е целосно оперативен од 10 април 2026 година, се однесува на државјани од трети земји кои патуваат на краток престој. Системот ги евидентира податоците од патните исправи, отпечатоците од прсти и фотографијата на лицето. Според податоците на Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај (IATA):
Време на проверка: Наместо досегашните 20 до 25 секунди, пасошката контрола со EES во просек трае околу 90 секунди по патник.
Драматично зголемени чекања на европските аеродроми
Бројките од летната сезона покажуваат дека воведувањето на биометријата предизвика сериозни застои низ Европа:
Франкфурт: Просечното чекање во јули скокна на 120 минути (наспроти 60 минути минатата година).
Минхен: Максималното чекање достигна 60 минути (наспроти 31 минута претходно).
Амстердам: Времето на чекање порасна од 80 на 120 минути.
Токму поради ваквите проблеми, претставниците од туристичкиот и авио-секторот побараа продолжување на олеснувањата најмалку до крајот на зимската сезона. Тие предупредуваат дека без повеќе автоматизирани киосци и соодветен број службеници, EES ќе предизвикува парализа во периодите со најголем сообраќај.
Од друга страна, Европската комисија соопшти дека системот генерално функционирал добро во текот на летото благодарение на механизмите за флексибилност, но нагласи дека останува во контакт со земјите членки за дополнителни оперативни прилагодувања.
Затоа, сите граѓани кои патуваат кон Грција или другите земји од Шенген-зоната во наредниот период треба да планираат дополнително време и трпение на граничните премини.

пред 1 час
1








English (US) ·
Macedonian (MK) ·