ARTICLE AD BOX
Граѓаните кои поседуваат градина со зеленчук, во домашниот буџет секој месец заштедуваат сума на пари која не е за потценување. Филип Димкоски, агроном објаснува дека со разновидна градина, едно семејство месечно може да заштеди и до 300 евра.
Вели дека градина од 100 квадрати е доволна за едно домаќинство со четири члена. Луѓето ќе имаат свежа храна, но и ќе си подготват зимница.
„Зеленчуковата градина, освен во однос на рекреирањето и разубавување на просторот, носи и економски придобивки. Според проф. д-р Бранка Лазиќ во воено време, благодарение на малите домашни градини во Војводина за време Втората светска војна, се прехраниле и преживеале многу семејства. Во однос на површината која би требало да ја зафаќа една градина која би обезбедувала храна за едно четворочлено семејство, се смета дека е доволен простор од 100 квадратни метри. Секогаш треба да се почне од потребите на семејството и во градината да се посеат и да се засадат култури кои најмногу се користат во семејната кујна. Исто така при изборот на земјоделските култури треба да се земе предвид и степенот на искуство и на знаење кај оној што ја одгледува градината. Мојата биоградина наречена Градината на Филип се простира на околу 600 метри квадратни. Тоа е простор наменет за зеленчук во чии рамки се сместени два пластични тунели, едниот од 50 а другиот од 16 метри квадратни. Според грубата пресметка се заштедуваат околу 300 евра месечно со оглед на тоа што освен свеж зеленчук, во градината се произведуваат и култури од кои се прави зимница и на тој начин се остварува додадена вредност на производот“, објаснува Димкоски.
Вели дека кога се пресметува финансиската придобивка треба да се земе предвид дека станува збор за квалитетен зеленчук, нетретиран со хемиски средства што значи дека кога би купувале таков зеленчук, ем е тешко да се најде, ем цената е значително повисока.
„Лани во септември, посетив еден скопски маркет и бев вчудоневиден од високите цени на зеленчукот кој најголем дел беше од увоз. Исто така доста високи се цените и на органските производи кои можат да се набават онлајн. Па така уште еднаш сфатив и си потврдив дека особено е исплатливо да се одгледува сопствена градина. Од февруари почнав да берам спанаќ од есенска сеидба во пластеникот, потоа стигнаа салатите и младиот кромид. Одгледувам и многу зачински и лековити растенија што значи дека постојано имаме свежо нане, магдонос, чубрика како и жалфија, рузмарин, пелин, здравец... Кромидот, лукот и компирот се особено препорачливи култури затоа што можат да се јадат во сите развојни фази, па така многу долг временски период можат да се берат од градината. Произведувам и пиперки за свежа употреба, пиперки за ајвар, домати, краставици, кромид, лук, морков, блитва, рукола, целер, тиквички, тикви, мускатни тикви, шеќерна пченка, компири, грашок, копар, босилок, нане, штавеј, модар патлиџан, малини, јагоди, салата, спанаќ, бамја. Од производите шокрај свежа употреба, правам зимници како кечап, ајвар, сируп од нане, ѓувеч, лутенка, пиперчиња во тегла... За да им појаснам на читателите сето тоа го произведувам целосно сам иако имам редовни работни обврски како новинар и уредник. Значи, секој што е во нормална здравствена состојба може да создаде градина што ќе го храни во сите четири сезони“, вели Димкоски.
Според него, добро е да се почне со мала површина од дваесетина до педесет квадрати, па потоа по желба и по потреба површината да се зголемува.
„Препорачувам да се почне со кромид и лук, а за пиперки, домати и модар патлиџан расад да се купи од производител. Ова важи за почетници кои немаат искуство, а производството на расад е долг и сложен процес и може да ги демотивира уште на почетокот. Посложените техники треба да се совладуваат постепено низ годините на градинарење. Сметам дека семејната градина е одличен модел кој заштедува пари, нуди социјализација и рекреација. Токму затоа го спроведувам мојот онлајн курс по биоградинарство со цел да поттикнам што повеќе луѓе да создадат свои семејни градини“, додава агрономот.
На интернет има совети од странски експерти и блогери кои тврдат дека со одгледување на зеленчук во градина, може да се заштедат илјадници долари годишно. Иако на почетокот има трошоци, сепак инвестираните пари ќе се повратат. За сиромашни земји како Индија, Мексико или во делови од Африка, се смета дека семејната градина на луѓето им ги заштедува 74 отсто од трошоците за овошје и зеленчук. Инаку, трошоците за живот во Македонија постојано растат. Зголемувањето на вредноста на Синдикалната минимална кошница за трите месеци јануари, февруари и март 2026 година изнесува 2.326 денари.
Сања Атанасовска







English (US) ·
Macedonian (MK) ·