ARTICLE AD BOX
Почетокот на месецов во Украина и Русија мина во публикација на истражувања, анкети, на јавното мислење, направени кон крајот на јули. Ако се оди на личностите, главниот заклучок од анкетите е дека во Украина народот, испитаниците, најмногу имаат доверба во генералите, додека во Русија тоа е претседателот Владимир Путин.
Во анкетата на Центарот за социјални и маркетиншки истражувања, „Социс“, украинскиот претседател Владимир Зеленски падна на деветтото место на рејтингот за доверба на луѓето во украинските лидери. Рејтинзите се мерат од „0“ за целосна недоверба до „1“ за целосна доверба. Рејтингот на Зеленски е 0,46. Но затоа, генералите доминираат. Сменетиот министер за одбрана, Михаил Фјодоров има рејтинг (0,63), поранешниот главен командант, Валериј Залужњи (0,61), сегашниот главен командант Михаил Драпати (0,60), блиску е уште еден генерал, Кирил Буданов со рејтинг (0,59). Петтото место го затвора офицерот, Роберт Броди со рејтинг (0,58). Петорка од четири високи офицери и еден бизнисмен и политичар - Фјодоров.
Истиот центар направи анкета за расположението на бирачите доколку се одржат претседателски избори во Украина. Прашање кое лебди во воздухот. Де, се актуелизира, де, спласнува. Диктатот доаѓа од Канцеларијата на претседателот. Се пуштаат пробни балони, да се види реакцијата на главните соперници на Зеленски, но и интересот на народот да оди на избори. Засега е јасно дека во воени услови тие не можат да се одржат. Гласање на фронтот, гласање на териториите што се под руска контрола! Згора на тоа во земјата во тек е прогласената воена состојба, која треба да се укине. А кога ќе се укине? Најверојатно ако дојде до некои најави за договор за прекин на огнот. Сето ова не ги тера главните кандидати за претседател да кренат раце од избори. Тие дури постојано го подгреваат тоа прашање на еден или друг начин. Не мора со директно прашање: „Кога ќе има избори“. Доволни се нарачани прашања, интервјуа, анкети, настани на кои тие ќе се појават и ќе кажат нешто. Па, и за евентуални избори.
Анкетата за евентуални претседателски избори потврди дека Зеленски ги губи позициите и на тој план. И тоа од генералите. И тоа од сите тројца, засега, претпоставени учесници во изборите. Анкетата покажа дека во првиот круг на изборите би победил Зеленски со мала разлика пред Залужњи (22,3 проценти, наспроти 21,4). Но за вториот круг податоците се неумоливи. Зеленски би изгубил од Залужњи. Би добил само 33,8 проценти од гласовите, а Залужњи дури 66,2 проценти). Сличен е и соодносот при евентуален дуел со Фјодоров и Буданов. Фјодоров би добил 63,8, а Зеленски 36,2 проценти. Буданов, пак, во евентуалниот дуел би добил 60,3, а Зеленски 39,7 проценти од гласовите на избирачите.
ВОЈНАТА ПРОДОЛЖУВА
На 10 август со резултати од истражување се јави и Киевскиот меѓународен институт за социологија. Од испитаниците се бараше одговор на прашањето за роковите кога би можела да заврши војната. До крајот на летово годинава, нареднава есен или зима, правата половина од наредната година, втората половина или подоцна. Или пак „тешко е да се каже“. Само пет проценти од испитаниците сметаат дека војната ќе заврши летово, есен или зима 17 проценти, а 13 дека крајот на војната ќе биде во првата половина од наредната година. Доминатен одговор е дека војната ќе заврши во втората половина од 2027 година. Него го дале дури 39 проценти од испитаниците. На релативно голем број испитаници им било тешко да кажат кога би завршила војната – 26 проценти од нив. Киевскиот институт исто така направи анкета на рејтингот на лидери. И таму генералите се главни. Зеленски е четврти.
Украинскиот претседател ќе има многу проблеми да излезе на крај со популарноста на генералите. Тој засега успешно ги контролира процесите. Таман некој ќе крене глава, го „потсекува“. Така беше со Залужњи на врвот на неговата слава и огромна популарност, го прати за амбасадор во Велика Британија. Наводно, тоа не беше официјално кажано, имал пропусти во украинската офанзива на југозападот во 2023 година. Кога украинските сили не успеаја да се пробијат до Крим. Некои велат дека Залужњи стои зад кревањето во воздух на „Северниот поток“. Операцијата била направена, наводно, без знаење на Зеленски. Што не е многу за верување. Сега Зеленски го игнорира Залужњи. На заеднички фотографии го поставува некаде во позадина. Сака да му покаже каде му е местото. Го држи дури и физички подалеку од себе. Иако Залужњи треба да биде на иста маса. На пример при првата посета на новиот британски министер за одбрана на Киев, минатата недела. Залужњи го немало на состанокот. Дотолку повеќе што главна тема на разговорите биле проблемите на Украина со оружјето. А Залужњи е тој кој во Лондон ќе треба да ја брка таа работа.
Залужњи полека почна да дава и политички изјави. На пример, дека Украина „никогаш нема да влезе во НАТО“. Што беше повод за реакција и на украинското МНР. Демек, изјавата на Залужњи била „извлечена од контекстот“. Како што објави „Европска правда“, за време на дискусијата меѓу високи дипломати во врска со евроатлантската интеграција што се појави на состанокот, Залужни изјави дека Украина „никогаш нема да се приклучи на НАТО“. „Го познавам НАТО многу добро. Веројатно 12 години лично работев на тоа да ги совладаме стандардите на НАТО, и секоја година слушав бајки за тоа дека, само што не сме влегле во НАТО. За жал, никогаш нема да се приклучиме!“, го цитира „Европска правда“. Главната пречка е што „е невозможно да се приклучите на организација, која ги поддржува доктрините од Втората светска војна, со нивото на развој што постои во украинските вооружени сили“!
За ваквите изјави се крена врева во Киев, медиумите го цитираа Залужњи. Според него, НАТО ќе остане во сегашната состојба. „НАТО веројатно ќе остане во сегашниот вид уште 12 години. Во меѓувреме, Украина преминува кон стандарди што мора да се постигнат за да се достигне барем половина од нивото на Руската Федерација“, изјави тој. Во исто време, Залужни призна дека „на Украина ѝ се потребни технологиите што земјите од НАТО ги имаат во моментов“, вклучувајќи антибалистички ракети и вселенски капацитети. Според поранешниот главен командант, Киев треба да бара безбедносни гаранции во други воени сојузи. На пример коалицијата JEF - Заедничките експедициски сили. Воено-одбранбена коалиција од десет северноевропски земји создадена од Велика Британија. Ова беше прилично неочекувано признание од сегашниот украински амбасадор во Обединетото Кралство, бидејќи официјалниот став на Киев за приклучување кон Алијансата не се менува. Се случи мал скандал, а Министерството за надворешни работи дури мораше да издаде соопштение дека курсот кон пристапување кон НАТО „останува непроменет“. „Денес, не постои поефикасен колективен безбедносен систем освен оној што се базира на Вашингтонскиот договор“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Георгиј Тихи, за „Суспилное“.
УЛТИМАТУМ ОД ФЈОДОРОВ ЗА ЗЕЛЕНСКИ
Но, не е амбициозен само Залужњи. Михаил Фјодоров не заостанува во „битката“ со Зеленски. Која станува и отворена. Фјодоров е млад бизнисмен, кој стана политичар. Ја дигитализираше администрацијата со негова апликација „Дија“. Таа ги ослободува Украинците во многу работи, од контакти со бирократијата. Тоа го направи за неколку месеци. И стекна популарност, напредуваше до министер за одбрана. Имаше воени успеси со дроновите. И Зеленски го смени. Човекот стана многу популарен. Суетата на актерот-комедијантот не исчезнува. Прво Залужњи, па Фјодоров, Буданов го стави шеф на неговата канцеларија. Да го има блиску до себе.
Смената на Фјодоров од министер доведе до протести. Но тој не се предава. Му даде ултиматум на Зеленски до 18 август да биде вратен на министерската функција. Тогаш парламентот ќе има прво заседание по одморите. Фјодоров во едно интервју рече дека Зеленски не му рекол категорично „не“ за враќање во владата. Но доколку тоа не се случи, тој намекнува можно зацврстување и на неговиот и на ставот на „картонскиот Мајдан“ кон претседателот. Дека нему времето му поминува и доаѓа времето на „младите волци“. И навистина, на протестите во поддршка на Фјодоров доминираат млади. А дали се волци ќе видиме за една недела. Од кабинетот на претседателот, засега само молк за ова. Зеленски беше категоричен дека нема намера да го враќа Фјодоров. Доколку го врати, тоа ќе значи најверојатен почеток на неговиот крај. Генералите од анкетните листови немаат многу респект кон претседателот. Но прашање е како ќе се однесуваат кога ќе го нема Зеленски. Зашто уште од сега се создаваат „навивачки“ групи за Залужњи и Фјодоров. Останува неодговорено прашањето, а кое при избори треба да го одговорат, за што се залагаат тие во сегашната војна? Ќе бидат ли подобри од Зеленски? Особено што Зеленски минативе години собра, какво-такво, политичко искуство. Едно е фронт, а друго е политика. Таа може да ти стави катанец на фронтот. И да ги прифати твоите ставови дека нема да влезеш во НАТО, а можеби и ЕУ. И да те поддржи на патот кон претседателската фотеља.
Во Москва во август со истражувања излезе Левада-центарот, независна организација, која од страна на власта е прогласена за „странски агент“. Првото беше за конфликтот со Украина, направено во јули. Главните заклучоци извлечени од искажувањата се дека Русите помно ги следат настаните во Украина, но и кај себе. Дури околу половина од испитаниците во јули внимателно ги следеле настаните околу Украина. Најзапаметени настани од јули беа нападите со украински беспилотни летала врз рафинериите и магацините на рускиот „Амазон“, „Вајлдберис“, како и кризата со бензинот ( неговото споменување значително се намали во споредба со претходниот месец). Поголемиот дел од испитаниците ги поддржуваат дејствијата на руските вооружени сили во Украина. Речиси две третини поддржуваат премин кон мировни преговори. Одговорноста за отсуството на мировен договор лежи првенствено кај Европа, САД и Украина. Околу една четвртина од испитаниците ја поддржуваат идејата за правење отстапки кон Украина и Западот заради мировен договор, додека повеќе од половина поддржуваат интензивирање на нападите врз Украина. Половина од испитаниците веруваат дека „Специјалната воена операција“ напредува успешно, додека помалку од една третина од испитаниците имаат спротивно мислење.
ИЗБОРИ
Огромни 50 проценти од Русите го сметаат напредокот на војната во Украина за успешен, што е најниска бројка од февруари 2022 година. Во јули, 8 проценти од испитаниците она што се случува го нарекоа многу успешно, додека други 42 проценти го сметаа за донекаде успешно. Во текот на изминатата година, уделот на позитивните оценки се намали за 19 проценти. Само 28 проценти од испитаниците ја сметаат војната за неуспешна. Оваа бројка беше поголема само во ноември 2022 година, по објавувањето на мобилизацијата, кога достигна 32 проценти. Според анкетата 62 проценти од Русите се за мировни преговори, а 28 за продолжување на војната. При ова 32 проценти од испитаниците сметаат дека главен виновник за продолжување на војната е ЕУ, за 20 проценти тоа е Украина, за 19 се САД и за 10 проценти е Русија. Дури 66 проценти продолжуваат да ги поддржуваат дејствата на Русија во Украина, а 22 се против. Според податоците од анкетата, за војна најмногу се залагаат „богатите“, Московјаните и повозрасните. А најмногу за мир се испитаниците - жени, млади, и луѓе со помали примања.
Есенва во Русија треба да се одржат парламентарни избори. Подготовките се во тек. Кој знае колку од искажувањата на испитаниците ќе се повторат на гласачките места. И не е важно. Во авторитарно општество изборите и така не значат многу. За да нема бранувања, од избори беше симната и партијата „Јаболко“, чиј основач беше, Григориј Јавлински, еден од политичките надежи на Русија, па и кандидат за претседател. Централната изборна комисија ги регистрираше за изборите, иако им правеа проблеми за регистрација на локално ниво. Но, на барање на „патриотски партии“, Врховниот суд ги исклучи од изборите. За нарушување на авторски права во спотовите, користење песни и сл! Па некои од членовите добивале пари од странство!!!Велат Кремљ се уплашил од „Јаболко“. Партија која на последните избори не го помина ни неопходниот минимум за влез во Думата. Руската опозиција, политичката емиграција од странство, се испокара меѓу себе поради тоа што некои од емигрантските организации јавно побарале Русите да гласаат за „Јаболко“. Наводно со тоа им покажале на властите дека тие стојат зад партијата. Со што и на неа и направија „мечкина услуга“. Не дека, ако беше решил Кремљ немаше да ги спречи да одат на избори и без „поддршката“ од странство.
Најнова вест е дека „Јаболко“ ,наводно, на анкетите стоело многу добро и дека за него би гласале девет проценти од избирачите. Со што би станале втора партија во Думата. Можеби затоа и други партии, комунистите на пример, беа за не дозволување „Јаболко“ да оди на избори. Инаку „Јаболко“ беше за мир во Украина, против војната. Сега Кремљ ќе има избори како што сака. Без многу бранување. Ако не беше „Јаболко“ можеше да се зборува и дека ништо не се случувало. Дали народот ќе го изрази своето незадоволство на изборите, со исти проценти како во анкетите? Не е за верување.
Конечно Левада – центарот ги објави и резултатите за рејтинзите во јули. Се мина без изненадување. Над половина од испитаниците, 54 проценти, сметаат дека работите во земјата одат во правилна насока. Додека 29 проценти сметаат дека земјата не се движи по вистински пат. Нивото на одобрување на работата на претседателот Владимир Путин, за еден месец, не е променето. Изнесува 74 проценти. На тој начин снижувањето кое почна во август 2025 година е сопрено. Неговата работа не ја одобруваат 20 проценти од испитаниците. После Путин се министерот за надворешни работи, Сергеј лавров и премиерот Михаил Мишустин. За Путин се возрасните, материјално пообезбедените, оние кои и веруваат на телевизијата, и кои што сметаат дека работите во земјата одат во вистинска насока. Незадоволство од неговата работа е најмногу кај средовечните, посиромашните, оние кои користат ју-тјуб канали како извор на информации и оние кои сметаа дека земјата не оди во вистинска насока.
Според податоците на отворената анкета ( кога испитаниците се замолени сами да кажат неколку политичари на кои најмногу им доверуваат, без помош од анкетарот), кон крајот на јули најмногу доверба добил Путин (36 проценти споменувања), Сергеј Лавров (16 проценти и Михаил Мишустин 13 проценти. И други, но нема воени генерали. Рускиот претседател останува, алфа и омега во руската политика. Без надежи за Западот дека ќе успеат да направат нешто во Русија, кое би довело до бунт. Не е денес 1917 година. Се покажува, а тоа го напишаа деновиве и западни медиуми, дека бомбардирањата длабоко на територијата на Русија, гинењето на цивили, уништувањето на „Вајлдберис“ и нафтените компании, му оди од полза на Путин. Убиствата на цивилите раѓаат само омраза кон Украинците, но пред се’ кон Западот. Оние кои што гледаат телевизија ја гледаат и внатрешната пропаганда. А таму Западот е непријател број еден. И анкетите го потврдуваат тоа. Во напорите за мир во Украина иницијативата треба да тргне од Западот. Развојот на настаните од Енкориџ наваму, и прифатените американски предлози од руска страна, за Русите е уште еден доказ дека Западот не стои до зборот. Независно од разните толкувања. Работите стојат во место. Освен војната. И се’ додека тој сака да ја растури Русија, ќе нема мир во Украина.
А генералите во Украина и Путин во Русија ќе има за што да размислуваат наредниов период. Особено што на гости им се најавени американските посредници.
Мирче Адамчевски
*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор









English (US) ·
Macedonian (MK) ·