Ветингот во правосудството – ветер во едрата на молдавското зачленување со ЕУ

пред 1 месец 1
ARTICLE AD BOX

Добивај вести на Viber

Почетокот на преговорите за членство на Молдавија во Европската Унија за многумина беше изненадување. Унијата, најмногу од политички причини сакаше Молдавија што побрзо да го помине првото скалило за членство, отворање кластери и преговори. Објективно, таа држава, со, непризната, самопрогласена Придњестрвска република на нејзината територија, и со територијална автономија Гагаузија, населена со православно турско население, која е под притисок од централната власт, не би требало да ги исполнува европските демократски норми за членство. Но политиката си го прави своето. „Што му е дозволено на Јупитер, не му е дозволено на волот“.

Молдавија ја прифати подадената рака од Унијата, особено по доаѓањето на претседателката, Маја Санду, на чело на државата во 2020 година. Оттогаш Молдавија чекори кон ЕУ со нејзина максимална поддршка. За разлика од други кандидати за членство, времетраењето на Молдавија во тој статус беше со години кои се бројат на едната рака. Но умешно искористени. Во прв ред во реализацијата на желбата на власта за членство во Унијата со практични потези. Еден од нив беше и ветингот во правосудството. Чекор кон кој не се осмелуваат многу постсоцијалистичи држави.

Меѓу нив е и Украина, која ги почна преговорите во пакет со Молдавија, и која сега е загрижена да не биде одвоена од тој пакет, токму поради напредокот на Молдавија. Онака, како што и Македонија ја одвоија од „јата“ од „тријади“, а која не умееше изминативе години да работи на аргументи кои ЕУ ќе мораше да ги прифати. Не станува збор овде за домашната задача со францускиот предлог или претходно разговорите со Грција за името. Станува збор за корупцијата и другите работи на кои ни беа посочувани, од 2005 година наваму, во секој Извештај за напредокот, а кои до денес не се променети.

Украински проевропски медиуми се заинтересираа како успева Молдавија да го средува правосудството. За правосудната реформа со учество на ЕУ, која Украина се’ уште ја избегнува. Со неизвесни последици за неа. Последниве три години во Молдавија е значително зголемена довербата во правосудниот систем. Во 2023 година една анкета во Молдавија покажа дека само 22 проценти од Молдавците имаат доверба во судовите и обвинителствата, а 37 искажале недоверба. Разговорите дека многу е важна правосудна  реформа се воделе, но немало резултати. Најнова анкета покажува дека сега 32 проценти од испитаниците имаат доверба во правосудството, а 26 проценти немаат доверба. Работите се мрднати од мртва точка. И одат кон подобро. Промената е благодарение на ветингот, проверката на добросовесноста на судиите. Тој не е завршен, не оди лесно, но тенденцијата е јасно видлива.

ЧИСТИЛИШТЕ

Што всушност значеше ветингот? За разлика од некои кои импровизираат или имитираат , во Молдавија работите за некои судии и обвинители беше како чистилиште, после нивна реална претходна проверка. Комисијата за ветинг е составена од тројца домашни и тројца странски претставници, претставници од земји кои материјално ја помагаат Молдавија. Нивното учество воопшто не било дискутабилно. Комисијата има законски достап до сите банкарски сметки на судиите и обвинителите и на оние кои сакаат да стапат на таква должност. И сите сметки за трошоците. Сето тоа за  во последните 12 години. Тоа се однесува и на блиските роднини. Исто така се прави оценка за можно избегнување на судиите и обвинителите на плаќање даноци во последните пет години. Згора над се оценува и етичноста нивна во последните 10 години. Имало и предветинг, кај Судскиот и кај Советот на јавни обвинители, кој, подоцна,  им втерал страв на судиите и обвинителите. Ветингот почнал од  врвот на правосудството, па надолу. Проверката била жестока. Тргнала од Врховниот суд. Од 24 судии во тој суд, кои биле во неговиот состав во 2023 година, проверката ја поминал само еден судија. Мнозинството, 19, веднаш поднеле оставки, тројца од незадоволство, другите да си заминат во пензија со специјални судски пензии, наместо да ги проверуваат. Од петтемина останати, само еден го поминал ветингот.

Жестокиот приод на комисијата за ветинг предизвикала отпори, судски тужби, одолговлекување, обиди за дискредитација на процесот, за кој имало скепса во јавноста. Но со текот на времето работите си легнале како што треба. Оние кои го избегнале ветингот, со оглед на тоа што имаат долг судска мандат, добиле компензација (отпремнина) од 30.000 евра и пензија 75 проценти од последната плата.

Како работи комисијата во практика? Едноставно. Се проверуваат приходите и трошоците на судиите. Законот за проверка ѝ даде на комисијата право да ги ревидира приходите и трошоците за живот на судијата во последните 12 години. Во овој период, несовпаѓањето помеѓу идентификуваните трошоци и докажаниот приход на судијата мора да биде во рамките на приближно 12.000 евра - со други зборови, судијата може да има 1.000 евра непотврдени приходи годишно. Ваквите норми се однесуваат и на највисокиот обвинителски орган, чија добросовесност ја проверува посебна комисија за ветинг. Многу е важно како комисијата може да ги добие податоците. Членот  на комисијата, Андреј Бивол, за „Европска правда“ изјави:„Законот ни дава многу широк пристап до финансиски и даночни информации. Испраќаме барање до сите банки во врска со одредено лице, а тие ни даваат информации за сите банкарски сметки што ги поседувало тоа лице во текот на изминатите 12 години. Истото важи и за роднините“. Одговорот на прашањето за банкарска тајна е едноставен: тој е во законот за проверка, па затоа молдавските банки се должни да обезбедат сè. За објавата, протекување, на некои податоци од ветингот важи правилото за тајност за чие нарушување се одговара кривично.

ПОТЕКЛОТО НА ПАРИТЕ И ЕТИКАТА

Најтешката работа на членовите на комисијата е да се пресметаат трошоците за да се споредат со приходите. Да се види на што трошел пари судијата, обвинителот или кандидат за таква функција. Па се бараат податоци од осигурителни компании, туристички агенции, приватни болници...Законот ги обврзува нив да даваат податоци. И кога ќе се соберат податоците, почнуваат споровите со лицата кои се ветираат. „Кога официјалниот приход е 20 илјади евра годишно, а трошоците се 30 или 40 илјади, почнуваат да се појавуваат објаснувања за пари од роднини, подароци за свадби, родендени и крштевки на деца, како и за трансфери на пари од странство. Многу често отфрламе значителен дел од таквите објаснувања за роднини во странство - ако судијата не може да докаже дека роднината ги има овие пари“, вели за „Европска правда“, член на комисијата.

Покрај сметките за приватни училишта, спортски клубови итн. - ако такви можат да се најдат во текот на изминатите 12 години - потребно е да се земе предвид, колку семејството на судијата потрошило, така да се каже, „за храна“, односно нивните тековни трошоци. Се земаат сметки од бензински пумпи, од супермаркети, секаде каде што се плаќа со картички. Се користат и податоци од националната статистика за просечните потрошувачки трошоци на семејство во Молдавија. Па се гледа дали судијата живее во главниот град или на село. Има и субјективни заклучоци. Ако некој судија или обвинител или кандидат каже дек живее скромно, а  гледате скапи автомобили, одмори во елитни одморалишта и луксузни трошоци на банкарски картички, тогаш нема шанси да се убеди комисијата. Се посветува внимание и на плаќањето даноци. На пример недвижност продадена по многу пониска цена од пазарната. Платениот данок е многу мал, па се паѓа на испитот на ветингот. Во поглед на етиката на судиите, најчесто проблем имаат оние кои не можат да го докажат потеклото на приходите. Има влијание и конфликтот на интереси.

За разлика од Молдавија, која чекори напред, во соседна Украина со право се плашат да не биде отфрлена од двоецот со Молдавија. Се плашат проевропските сили. Проблемот е внатре во земјата. Таа е поделена на два лагери, освен кога станува збор за војната со Русија. Младите се за Европа. За независни тела кои ќе водат борба со корупцијата. Тела во кои големо влијание имаат странците. Без нив нема борба со корупцијата. А во воено време таа е се’ по немилосрдна. Милиони долари се одлеваат кај поединци и групи. И последниот судир меѓу претседателот Владимир Зеленски и сменетиот министер за одбрана Михаил Фјодоров е токму околу корупцијата во одбраната. Украина уште од 2015 година се обидува да направи реформа во судството. Довербата кон него и натаму е ниска. Од 10 до 15 проценти. Така ќе биде се додека нема прогрес во реформата на правосудството. А ЕУ е загрижена за заштитата на Украина и сопствена. Па затвора очи на она што се случува. И со Фјодоров и со корупцијата. Има договор ЕУ-Украина и план од десет точки, кои Киев треба да ги исполни, за да добива пари од Унијата. Од оние 90 милијарди кои ЕУ ги предвидува за Киев. Но од планот нема ништо, а ЕУ во јуни даде 2,8 милијарди евра. Противниците на промените во власта се покриваат со аргументите дека реформите се спротивни на Уставот, задираат во суверенитетот и дека нема да поминат низ Парламентот, кој е под контрола на Зеленски.

ЛИСТА НА РЕФОРМИ

За да не го спроведе планот од 10 точки, Зеленски го смени и неговиот коавтор, вицепремиерот , Тарас Качка. Другиот коавтор беше комесарката Марта Кос. И се’ она што беше ветено Зеленски нема да дозволи да се спроведе. За потсетување, овие закони предвидуваат фактичко отстранување на Канцеларијата на генералниот обвинител и Државното биро за истраги од контролата на претседателот, како и значително зголемување на овластувањата на Националното биро за борба против корупцијата и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата, кои повеќе од една година водат кривични случаи против најблискиот круг на претседателот. Очигледно е дека имплементацијата на овие норми ќе доведе до губење на контролата на Зеленски врз системот за спроведување на законот и судството. Затоа, Зеленски апсолутно не сака да даде зелено светло за усвојување на потребните нацрт-закони, особено што пратениците на Рада не сакаат да гласаат за нив. Според некои медиуми, идејата дека „ако не ги донесеме законите, Европската комисија нема да додели средства за Украина“ е дочекана со значителен скептицизам од страна на значителен дел од провладините кругови и парламентарните претставници. Тие веруваат дека Европа под никакви околности нема да ја остави Украина, разорена од војна, без средства, без оглед на тоа дали „листата за реформи“ ќе биде усвоена или не.

Вчера претседателот Зеленски зборуваше за односите со Унијата, но ниту еднаш не спомна реформи во правосудството. Акцентот беше ставен на „брза интеграција“ и на потребата на Европа од Украина во поглед на безбедноста. Тој се плаши од одлучувачката улога на меѓународни експерти во кадровската политика во правосудството на високо ниво, нагласена во договорот „Качка-Кос“. На пример за избор и на државниот  обвинител и на другите раководители на обвинителството низ целиот синџир на команда, одлучувачки глас би бил на  „меѓународни експерти“ утврдени од Европа. „Реформирањето“ на Државното биро за истраги и конкурси би било со одлучувачки глас на „меѓународни експерти“. Веднаш се бара назначување судии на Уставниот суд и членови на Високиот совет за правда кои „поминале меѓународна проверка“. Исто и проширување на учеството на овие „меѓународни експерти“ во комисијата за избор на членови на Високата квалификациски комисија на судии телото одговорно за избор, евалуација и одлуки за кариера на судиите.

Неколку зборови и за крупцијата и реформата на правосудството во Македонија. При доверба од два проценти во судството таа е веднаш неопходна. А не од говорницата на Собранието или јавно, да се кажува што треба да работат новите кадровски решенија избрани по терк на власта. Било обвинители, било судии. Токму заради тоа треба реформа на правосудството. Да не може некој од собраниска говорница да кажува кој што треба да работи, како судија или обвинител. Пред некоја година, кога се спомна ветингот, одма се слушна дека не ни е потребен. Не од друго, туку ќе сме останале без судии. Сега, дека ги има, правосудството ни е одлично. Ова е уште еден доказ зошто Македонија не сака во ЕУ. Поточно македонските политичари. Над три децении го замајуваат народот со името и презимето. Уште една деценија ќе нема кого да замајуваат.

Како и да е, Молдавија се одлучила да се бори со еден од главните проблеми на кои укажува ЕУ. Не дека кај други членки, Бугарија и Романија, на пример, работите биле идеални во тој поглед. Но Молдавија ова го прави и за себе. А не само за членство во ЕУ. На тој пат има и ќе има грешки, пречки, но важно е што политиката не се откажува да оди по него. Процесот е долг, резултатите не доаѓаат преку ноќ. За негово забрзување би требало да се направат десетина комисии. Имало и ќе има кампањи против ветингот. Главно од луѓе кои биле во спрега со судиите и обвинителите. Во сето  ова најважно е што нема многу вознемирување дека Молдавија го „губи суверенитетот“ или дека е под „надворешна управа“. И ова ќе биде ветер во едрата на молдавското зачленување во ЕУ. На крајот од годинава кога ќе се читаат извештаите за напредокот, Молдавија сигурно ќе биде со високи оценки на планот на борбата со корупцијата и реформата во правосудството.

Мирче Адамчевски

*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Прочитај ја целата статија