Економијата на иселувањето: Може ли Северна Македонија да расте додека нејзината работна сила се намалува?

пред 2 недели 2
ARTICLE AD BOX

Добивај вести на Viber

Иселувањето со децении беше и продолжува да биде еден од главните економски и општествени предизвици на Северна Македонија. Сепак, дискусијата секогаш завршува со истиот заклучок: луѓето ја напуштаат земјата. Од економска гледна точка, најважното прашање е што се случува со една мала и отворена економија кога значителен дел од нејзиното работоспособно население, со професионални квалификации, ја бара својата иднина во странство. 

Економскиот раст, меѓу другото, во голема мера зависи од фактори како што се големината и квалитетот на работната сила, инвестициите, продуктивноста, технологијата и ефикасните институции. Кога работната сила се намалува, одржувањето на стабилен економски раст станува значително потешко. Северна Македонија сè повеќе се соочува со овој предизвик, бидејќи иселувањето, заедно со стареењето на населението и ниската стапка на наталитет, видливо ја менуваат структурата на пазарот на труд. Ефектите веќе се очигледни. Работодавачите во сè поголем број сектори пријавуваат тешкотии при наоѓањето работници, а недостигот од работна сила повеќе не е ограничен само на висококвалификуваните професии. Во исто време, заминувањето на образовани и квалификувани работници претставува загуба на човечки капитал. Земјата вложува ресурси во образование и стручно оспособување, но дел од економската корист од оваа инвестиција на крајот се остварува во економиите на други земји. 

Иронично, ние ги образуваме тука, а нивната продуктивност ја извезуваме во поразвиените економии — и овој извоз, за жал, не можеме да го заведеме како успех во трговскиот биланс. Во духот на изреката „не е сè црно“, и иселувањето има друга димензија. Тоа создава дознаки од странство, го намалува притисокот врз невработеноста и може да создаде вредни врски меѓу економијата на Северна Македонија и нејзината дијаспора. Граѓаните што се враќаат од странство можат да донесат капитал, знаење, професионално искуство, нови мрежи и современи деловни практики. 

Но, можат ли дознаките сами по себе да претставуваат долгорочна развојна стратегија? Тие ја поддржуваат потрошувачката на домаќинствата и животниот стандард, но не можат целосно да ја надоместат трајната загуба на работници, професионалци, претприемачи и даночни обврзници. Гледано од аспект на јавните финансии, ова создава мошне значаен предизвик. Помало население во работоспособна возраст значи помалку лица што плаќаат даноци и социјални придонеси, додека стареењето на населението го зголемува притисокот врз пензиите, здравството и другите јавни услуги. 

На долг рок, односот меѓу оние што го финансираат системот и оние што зависат од него станува сè поважен за фискалната одржливост. И токму тука се појавува најчувствителното прашање: ако бројот на младите и на вработените продолжи да се намалува, кој ќе ги плаќа пензиите во Северна Македонија по 40 години? Зашто, колку и да се оптимистички нашите стратегии, ова е најтешкиот предизвик со кој ќе се соочиме како држава. Всушност, ова е прашање што заслужува посебна анализа — и на кое ќе се навратам во следната тема. Во меѓувреме, одговорот на јавните политики на иселувањето не треба едноставно да биде „запирање на иселувањето“. Во една отворена европска економија, ограничувањето на движењето на луѓето не е ниту реално ниту пожелно. Целта треба да биде подобрување на економските и институционалните услови поради кои трајното иселување се доживува како најдобра алтернатива за значителен дел од младите. 

Повисоките плати се дел од решението, но платите не можат одржливо да растат без раст на продуктивноста. На Северна Македонија ѝ се потребни посилни инвестиции во образование и стручни вештини, технологија, иновации и сектори со повисока додадена вредност. За коректност, треба да се истакне дека се преземени одредени чекори во оваа насока, но прашањето е дали тие се доволни. Исто така, потребни се институции што ги наградуваат компетентноста и претприемништвото, попредвидлива деловна средина и реални можности за професионален напредок. 

Истовремено, една сериозна економска стратегија треба да ги разгледа начините на кои дијаспората може да се претвори не само во извор на дознаки, туку и во извор на инвестиции, знаење, искуство и претприемништво. Оттука, основното прашање не е дали Северна Македонија може целосно да го спречи заминувањето на своите граѓани. Тоа не е возможно, ниту треба да биде цел. Вистинското прашање е дали земјата може да создаде економија во која останувањето — или враќањето — ќе стане економски привлечен избор. Северна Македонија може да продолжи да расте и со помала работна сила, но само ако успее да создава поголема вредност со луѓето што ги има. 

На крајот, најголемиот предизвик не е само колку граѓани заминуваат, туку колку од нив гледаат причина да останат и колку од оние што заминале гледаат перспектива да се вратат. И тука останува прашањето што треба сите да нè натера да размислиме: ако младите денес ја гледаат

Лиза Алили Сулејмани, вонреден професор и декан на Факултетот за економски и административни науки од областа на економијата и финансиите од International Balkan University (IBU) во Скопје

Прочитај ја целата статија