Инфраструктурата што ја градиме денес ќе ја одреди енергетската улога на Македонија утре

пред 2 недели 1
ARTICLE AD BOX

Добивај вести на Viber

Енергетската инфраструктура се планира за децении однапред и за енергетски текови што веќе ја менуваат картата на Европа. Токму затоа, првата национална Водородна студија за Македонија ја подготвивме како повеќе од документ за еден нов енергенс. Таа е показател за правецот во кој треба да се движи државата, а тоа е кон инфраструктура што нема да биде ограничена само на денешните потреби, туку ќе биде подготвена и за идното производство, пренос и користење чист водород.

Студијата покажува дека географската положба на Македонија, меѓу Грција и Србија и на патот кон пазарите во Централна Европа, може да добие ново значење во рамките на идната паневропска водородна мрежа. Но за тој потенцијал да стане реалност, потребни се физички врски, усогласени правила, силни институции и долгорочна регионална соработка.

Патот до таа поврзаност не е без предизвици. Регулаторното усогласување со соседните системи бара време, динамиката на инвестициите не зависи целосно од нас, а темпото на регионалната соработка го определуваат повеќе страни. Затоа успехот на оваа стратегија нема да зависи само од изградбата на цевководите, туку и од упорноста во преговорите, меѓународната соработка и институционалната подготвеност. Во тој контекст беа и моите средби и разговори во Соединетите Американски Држави, вклучително и разговорите во Белата куќа и потпишувањето на Меморандумот за соработка во енергетиката. Во фокусот беа диверзификацијата на снабдувањето, регионалното поврзување и можноста Македонија да добие поактивна улога во енергетските текови на Западен Балкан. Поканата за вклучување во разговорите за проширување на Вертикалниот гасен коридор треба да се гледа и како резултат на тој континуиран дијалог и последователната комуникација со меѓународните партнери.

Важен чекор во тој процес беше и Четиристраниот министерски состанок за енергетика и поврзување во Југоисточна Европа, одржан на 15 мај годинава во Атина. Заедно со министрите и претставниците од Грција, Србија и Бугарија разговаравме за забрзување на стратешките енергетски инфраструктурни проекти, за посилни интерконекции и за поголема сигурност на снабдувањето. Токму на оваа средба беше договорено проширувањето на Вертикалниот коридор со Македонија и Србија, како и институционализирање на соработката меѓу четирите држави. Тоа беше политичкиот чекор што му претходеше на понатамошното техничко и комерцијално вклучување на нашата земја во иницијативата.

Интерконекторите со Грција и Србија денес ги градиме за диверзификација на снабдувањето со природен гас, за пристап до повеќе извори и за поголема сигурност на системот. Истовремено, тие се планираат како инфраструктура што треба да биде подготвена и за транспорт на водород.

Македонија со децении беше поставена на крајот од еден правец на снабдување. Имавме една влезна точка, ограничен избор на извори. Денес таа позиција почнува суштински да се менува.

Новата енергетска политика не се сведува на изградба на уште еден гасовод. Нејзината цел е Македонија да премине од земја што ја прима енергијата на крајот од системот во земја што е поврзана во повеќе насоки, учествува во регионалното планирање и постепено станува активен дел од европските енергетски текови.

Енергетската сувереност денес не значи изолација. Таа значи што е можно поголем избор на извори, правци и партнери, а способноста на една држава се огледува и во тоа навреме да препознае каде се движат регионалните и европските енергетски текови.

Вклучувањето на Македонија во разговорите за проширување на иницијативата „Вертикален гасен коридор“ кон Западен Балкан треба да се гледа токму во тој контекст. На работниот состанок на операторите на системите за пренос на природен гас, одржан на 10 јули во Атина, Македонија и Србија првпат беа вклучени во разговорите за натамошното проширување на коридорот. Со тоа се отвора простор нашата држава да учествува во техничкото и комерцијалното планирање на инфраструктурата што ги поврзува јужните извори и терминали со пазарите во Централна и Источна Европа.

Физичката основа на таа нова улога најпрво се создава преку гасниот интерконектор со Грција. Македонската делница, од Неготино до границата, е долга 67 километри, додека целиот интерконектор до Неа Месимврија ќе има вкупна должина од 123 километри. Капацитетот на интерконекторот е планиран до 2,8 милијарди кубни метри природен гас годишно, што значително ги надминува домашните потреби и отвора простор Македонија да има и транзитна улога кон пазарите северно од земјата.

Со поврзувањето со грчкиот систем, Македонија добива пристап до пошироката енергетска инфраструктура во Грција, вклучително и до терминалите за течен природен гас и до извори што до земјата можат да пристигнуваат преку различни правци. За првпат се создава реална можност снабдувањето да не зависи од една единствена рута.

Интерконекторот со Србија ја дополнува оваа слика. Планираната врска меѓу Клечовце и Врање треба да овозможи двонасочен проток и да ги поврзе системите на двете држави.

Кога јужната и северната врска ќе бидат функционални, Македонија ќе го добие она што со децении и недостасуваше, изборот.

Водородот нема веднаш да ги замени постојните енергенси. Но државите што денес ја градат инфраструктурата исклучиво според вчерашните потреби, утре ќе мора повторно да ја градат. Нашата цел е Македонија навреме да се подготви за постепеното намалување на јаглеродните емисии, развојот на обновливите извори и идното поврзување со европските пазари на чиста енергија. Македонија мора да произведува повеќе енергија дома, особено од сонце, ветер, вода и други домашни ресурси. Но истовремено мора да биде поврзана со соседните системи, бидејќи современата енергетика се темели на размена, балансирање и заедничко управување со производството и потрошувачката.

Истата логика е вградена и во процесот на праведна транзиција. Патоказот за праведна транзиција ја предвидува конверзијата на постојните лигнитни термоелектрани како една од клучните насоки за трансформација на енергетскиот систем. Во Битола таа определба веќе добива конкретен проектен облик преку подготовката на новата когенеративна централа „РЕК Битола 1“, која треба истовремено да произведува електрична и топлинска енергија. Во јуни годинава за подготвителните активности беше обезбеден грант од 2,4 милиони американски долари од Светска банка, а концептот за трансформација на РЕК Битола предвидува користење природен гас со можност инфраструктурата во иднина да се приспособи и за водород. На тој начин, праведната транзиција не значи само затворање на старите капацитети, туку нивна постепена замена со нови, пофлексибилни и почисти технологии, при истовремено зачувување на енергетската сигурност и економската улога на регионот.

Македонија ја спроведува Реформската агенда, преку која енергетската транзиција се претвора во конкретни и мерливи обврски. Европската комисија веќе официјално оцени дека два реформски чекори во надлежност на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини се целосно исполнети: воспоставувањето функционален систем за управување со процесот на праведна транзиција и донесувањето тригодишен План за реновирање на зградите на централната власт, усогласен со европските цели за енергетска ефикасност. Тоа е важно не само поради пристапот до европската финансиска поддршка, туку и како потврда дека реформите се спроведуваат според јасни критериуми и рокови.

Интерконекторите, Вертикалниот коридор, Водородната студија и Реформската агенда не се одделни проекти. На нив се надоврзува и праведната транзиција на енергетските региони, вклучително и трансформацијата на РЕК Битола, со што инфраструктурното поврзување, новите технологии и промената на домашниот производствен микс стануваат делови од истата енергетска политика. Тие се дел од една стратешка определба за Македонија да изгради посигурен и пофлексибилен енергетски систем, кој ќе му обезбеди поголем избор на државата, поголема предвидливост на стопанството и подобра поврзаност со европските енергетски пазари.

Преминот од крајна точка кон енергетска крстосница нема да се случи преку ноќ. Но со секоја нова врска, со секој исполнет реформски чекор и со секоја инвестиција што гледа подалеку од сегашните потреби, Македонија ја менува својата позиција.

Од држава зависна од една влезна точка, стануваме држава поврзана со повеќе правци и извори. Од набљудувач на регионалните процеси, стануваме нивен активен учесник. Тоа е инфраструктурата што ја градиме денес и енергетската улога што ја создаваме за утре

Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини

Прочитај ја целата статија