Ништо од Трамп – мирот во Украина на листа на чекање

пред 1 месец 1
ARTICLE AD BOX

Добивај вести на Viber

Во вторникот во Вашингтон имаа преговори американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот украински колега, Владимир Зеленски. Средбата помина зад затворени врти. Без присуство на медиуми. Зеленски во Белата куќа влезе на спореден влез. Како и израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, кој истиот ден имаше средба со Трамп. Средбата на Зеленски и Трамп траеше речиси еден час. Од неа ништо значајно не беше соопштено во јавноста. Според она што доаѓа од разни извори, Доналд Трамп ја продолжува играта на неговиот претходник, Џо Бајден, да и се помага на Украина да не биде поразена, но и да не победи. Ама Америка да биде пред и над се’. Барем засега.

Ова и не е нова политика на Трамп. Тој сега заработува пари од војната во Украина. А ако ја прекине ќе пресуши извор на американската воена индустрија и американскиот буџет. Америка пред се’, постојано вели Трамп. Владимир Зеленски пред патот во Вашингтон најавуваше дека ќе се разговара за воената помош на Украина, посебно противракетни оружја и муниција и за некои нови американски предлози за прекин на војната. Спроти средбата од Белиот дом соопштија дека главна тема на неа ќе биде мирното решавање на руско-украинскиот конфликт.  „Дојдено е време да се стави крај на војната“ извести CNN, повикувајќи се анонимен извор од Белата куќа.

По разговорите, Зеленски публикуваше мало соопштение во неговиот Телеграм канал во кое средбата во Белата куќа ја нарече добра. „Со претседателот зборувавме за лиценците за производство на ракети за „Патриотите“ и некои други идеи, кои можат да помогнат. Исто така и за дипломатијата – важно е да се активизира дипломатскиот процес. Нашите тимови ќе ги усогласат деталите за натамошната комуникација, Благодарен сум на Соединетите држави за цврстата поддршка“, напиша Зеленски. Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, во едно соопштение ги прокоментира средбите на Трамп. „Претседателот Трамп ги заврши средбите со претседателот Зеленски и премиерот  Нетанјаху. Двете средби поминаа во позитивна и продуктивна атмосфера“, напиша таа во Х.

АМЕРИКАНСКИ ГЛЕДАЊА

Ништо конкретно во ниту една од изјавите. Се најавува дека Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, преговарачите околу Украина, би можеле да допатуваат, за прв пат, во Киев. Пред некоја недела од Москва стигна вест дека би можеле да дојдат и таму. Претходно тие имаа средба и со рускиот претседател Владимир Путин, во Кремљ. За неполна година, од февруари 1925 до јануари 2026 година, американски преговарачи, што сами, што заедно во Москва беа седум пати. Од почетокот на војната против Иран, тие двајца не се стапнати ни во Киев ни во Москва. Прашање е колку ќе може да ги остварат најавените посети, доколку продолжи војната на Блискиот исток. Што би значело и одлагање на некои нови американски гледања на мирот во Украина.

Нив неодамна ги најави американскиот државен секретар, Марко Рубио. Тој рече дека „не може да се склучи мировен договор, ако обете страни не се согласни со него, а токму тоа се случи. Па така ни останува да бараме нови предлози и нови идеи, затоа што таа варијанта (повлекување на Украина од Донбас за прекин на огнот.з.м.) тогаш јасно не беше прифатлива за Украина и јас не сум убеден дека таа е прифатлива за нив и денес“. Со други зборови досегашните мировни преговори се пропаднати. Рускиот  министер за надворешни работи, Сергеј Лавров по ваквата изјава на Рубио изјави дека „на преговорите на Трамп и Путин во Енкориџ на Аљаска во август 2025 година бил постигнат определен компромис. Русија остана на прифатениот компромис, но другата страна, САД, таквиот приод го модифицираа“. Па така останува да бидат исполнети, според Лавров, задачите поставени од претседателот Путин во јуни 2024 година,. Станува збор за обраќањето на Путин пред дипломатите.

Тогаш тој ја искажа позицијата на Русија за мир во Украина, која не е променета до ден денес. Се разбира доколку не дојде до некаков договор кој би ја променил. Русија инсистира на неутрален, вонблоковски статус на Украина, демилитаризација и денацификација..Сето ова било договорено во Истанбул во 2022 година. Освен тоа во целост треба да бидат обезбедени правата на рускојазичното население во Украина, да се признае новата територијална реалност, новиот статус на териториите под контрола на Русија. Сето тоа да биде дел од меѓународни договори. А исто така и укинување на сите санкции против Русија. Всушност ова би била и програмата максимум на Русија во евентуални идни преговори. Ако во меѓувреме не се додадат и Одеса, Харков и Николаев...А за што се зборува во многу анализи.

ВОЈНА НА ИСТОШТУВАЊЕ

Од друга страна Зеленски, како и пред години, настојува да се организира тристрана средба со Доналд Трамп и Владимир Путин. Наводно би требало да се одржи до есенва. Но Русија не е многу расположена за ваков вид средби. Вчера во интервју за ТАСС, Сергеј Лавров се осврна и на таа тема. Според него, Западот е за замрзнување на конфликтот на линијата на фронтот, а потоа ќе размисли кога и како да најде компромис. Кога и како да преговараат со Русија. На преговори на кои на една маса би биле САД, Европа, Зеленски и Путин. Услов за тоа е прекин на огнот. Па после, Западот да воведе многунационални сили, предводени од Англија и Франција, а потоа да седнат да преговараат. За Лавров тоа е ултиматум. „Ќе замреме на линијата на фронтот – нацистичкиот режим ќе опстане. Никакви територии тие нема да признаваат“, изјави тој. Додавајќи дека Русија треба да се потпира само на себе, ако сака да опстане руската цивилизација.  Затоа Русија мора да ги брани нејзините легитимни интереси. „За да му понудиме нешто на светот, мора да победиме. Светот со големо внимание - некои со задржан здив - гледа како ќе заврши оваа војна, која ни ја наметна Западот“, рече Лавров. Ваквиот приод зборува дека Русија и покрај проблемите со кои се соочува е подготвена да продолжи со војната на истоштување.

Од друга страна, Западот исто така се определува за истоштување во војната. Но на Русија. Трамп како да стана поблизок до Европа и Украина, после Самитот Г7, за што зборуваше и канадскиот премиер, Марк Карни. На самитот на НАТО во Анкара Трамп прозборе и за „затворање на небото над Украина, ако затреба“. „Обработката“ на Трамп од страна на Европа и додворувањето од Зеленски, како што пишуваат западни медиуми, дава резултати. „Оваа промена се случи по неколку состаноци на маргините на глобалните самити, каде што украинскиот претседател се обиде да го шармира Трамп“, напиша „Вол стрит џорнал“. Трамп се восхитува на украинските беспилотни летала, на ударите во длабочината на Русија...Па има предлози за прекин на воздушните операции кој би и биле предложени на Русија. За Кремљ ова се измислици се додека не добие официјална информација. Трамп пред некоја недела разговараше со Путин, кој го запозна со освојувањето на Константиновка. А Трамп потврди дека е подготвен да помогне во брз прекин на огнот и барање патишта за решенија.

Трамп, јасно е, признава само сила. И секогаш сака да биде со посилниот. Сега е со Европа и Украина. Но никако не заборава, како и Бајден, дека само Русија му е пандан во нуклеарно вооружување. И гледа да игра и со едните и со другите. Па во спомнувањето на  Зеленски не го заборава Путин. Ден по средбата со Зеленски рече дека побарал од него да ја заврши војната. Па се пофали дека многу добро се сложува со Путин, а и со Зеленски. И од двајцата побарал да ги прекинат воените дејства. Да ја завршат војната, бидејќи гине многу народ. Минатиот месец дури 25 илјади. А тие, демек, не го слушаат. Личи на Никола Пашиќ, српскиот премиер од почетокот на дваесеттиот век. Примал партиски претставници од разни партии, мои се жалеле едни на други  и на сите им велел дека се во право. Најблискиот соработник, кој присуствувал на состаноците, го прашал еден ден, како тоа на сите им вели дека се во право. Неговиот одговор бил „И ти сине си во право“.

Американскиот претседател со војната против Иран се најде во расчекор. Таму го има сојузник Израел, а во Европа Украина. И сега треба да води сметка кому ќе даде приоритет. Не треба да се заборави дека Украина со години сака да го воведе НАТО во војна со Русија или да го добие статусот на Израел.  Главен американски сојузник во Европа. А САД да даваат пари и оружје и воена заштита. Засега она што можат Американците да и дадат на Украина е она што го вети Путин на Аљаска, да се откаже од дел од програмата масимум искажана во 2024 година. И да се согласат со гаранции за безбедност. Киев и Европа ова го нарекоа капитулација, па војната ескалираше. Трамп сега може да прифати некои барања од Киев и Европа и да ја повика Москва кон прекин на огнот на линијата на фронтот. Но нема алатка да ја натера таа тоа да го направи. Над 30 илјади санкции се воведени против Русија. И закон се подготвува со „пеколни санкции“, но ефектот од нив никој не знае каков ќе биде.

Доколку Трамп најде некое решение, околу Донбас, тогаш работите ќе бидат полесни и за него, па ќе може да тврди дека запрел и деветта војна. Но ако не успее, од разни причини, тогаш битката за Донбас ќе продолжи. Долго време не сум го спомнал Џон Миршајмер. Тој тврди дека Русија до крајот на годината  Русија целосно ќе го ослободи Донбас и ќе ја преземе контролата врз целата територија на Донбас. Тврдењата за успесите на Украина на бојното поле се само пропаганда, бидејќи Русија продолжува да победува, рече Џон Миршајмер во разговор со Пирс Морган на неговиот канал на Јутјуб. На прашањето на Морган: „Дали мислите дека Русија можеби нема да може да ја постигне победата што претходно ја сметавте за неизбежна“? Миршајмер вели: „Сосема спротивно. Русија продолжува да победува. Погледнете ја линијата на фронтот. Русите одат напред. Полека, но стабилно. Нема сомнеж дека до крајот на годината ќе го преземат целиот Донбас. Покрај тоа, постојат сериозни проблеми со кои се соочува Украина. Таму се забележува масовно дезертирање и криење од воена служба. И покрај фактот дека населението е неколку пати помало отколку во Русија. Тие трпат големи загуби на бојното поле, а линијата на фронтот почнува да попушта. Но, многу поважно е руското бомбардирање на Одеса. Тие всушност ја отсекоа од остатокот од Украина. Во суштина, Украина го загуби своето црноморско пристаниште, што ќе има најпогубни последици. Ова долгорочно ќе има страшно влијание врз целата земја. Одеса беше критична за извозот на пченица и увозот на оружје. И веќе не постои ниту едното ниту другото. Така што сè уште мислам дека Русите имаат контрола во војната. И сите муабети на Запад дека Украина успеа да го сврти бранот на настаните не е ништо повеќе од пропаганда. Исто како и со војната против Иран. Сите возбудливи пораки за тоа како ние и Украина победуваме во конфликтот против Русија се пропаганда, која има многу малку заедничко со реалностите на земјата“.

Иднината на војната ќе зависи од тоа кој ќе има повеќе пари. И Русија и Украина имаат големи проблеми со нив. Зад Украина стојат западните земји и меѓународни финансиски институции. Но и тие не се вреќи без дно. Во ЕУ се бара намалување на буџетот. Германија бара намалување за 100 милијарди евра! Но што прави таа иста Германија за својата економија? Целосна деиндустријализација. Невидена криза. Европските земји брзаат да ги наполнат резервоарите со гас за претстојната зима. Трчаат по руски гас. И на тој начин ја финансираат војната. Кога се во прашање интересите „не е важно мачката дали е бела или црна, важно е да лови глувци“, велеше таткото на модерна Кина , Денг Ксијаопинг. Па така и со Западот. И посебно со Трамп. Да, тој е моќен и може да ја заврши војната во Украина. Ако навистина сака. Можеби нејќе заради парите за воените компании. Му требаат спонзори пред периодичните избори во ноември. Како што тргнал ќе ја остави војната на листа на чекање. И Русија и Украина. Иран му ги мрси конците. А ноември се наближува.

Мирче Адамчевски


*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Прочитај ја целата статија