Ратко Младиќ ќе биде погребан денеска во Белград: Најавен голем собир, Вучиќ нема да присуствува, а ЕУ ја осуди атмосферата

пред 1 час 1
ARTICLE AD BOX

 Најавен голем собир, Вучиќ нема да присуствува, а ЕУ ја осуди атмосферата

Ратко Младиќ, поранешниот командант на Војската на Република Српска, кој почина во Хаг додека отслужуваше доживотна казна затвор за геноцид и воени злосторства, денеска ќе биде погребан на гробиштата Топчидер во Белград.

Неговото тело ќе биде изложено во црквата „Свети Лука“ во населбата Видиковац од 07:00 до 12:00 часот, за кога е закажан почетокот на опелото. Дел од белградските медиуми објавија дека со црковната церемонија ќе чинодејствува поглаварот на Српската православна црква, патријархот Порфириј, но оваа информација сè уште нема официјална потврда.

Светозар Андриќ, член на тимот за организација на погребот, за агенцијата СРНА изјави дека по опелото ќе се формира погребна поворка кон гробиштата Топчидер, каде што Младиќ ќе биде погребан покрај неговата ќерка Ана. На гробиштата е предвидено посмртните останки да бидат испратени од почесна единица, по што следуваат проштетални говори. Андриќ додаде дека доаѓањето на граѓаните од Република Српска и Србија ќе биде организирано.

На социјалните мрежи веќе се објавени соопштенија дека во неколку општини во Република Српска и Црна Гора е обезбеден превоз за сите кои сакаат да присуствуваат на погребот.

Без присуство на српскиот државен врв

Нема најави дека на погребот ќе присуствува некој од највисоките претставници на српската власт. Претседателот Александар Вучиќ изјави дека во тој период ќе се сретне со претседателот на Узбекистан, Шавкат Мирзијоев, чија посета била закана уште пред неколку месеци.

Сепак, српскиот министер за правда Ненад Вујиќ, претседателот на Република Српска Синиша Каран, како и Радан Остојиќ, министер за труд и заштита на борците на овој ентитет во Босна и Херцеговина, присуствуваа на комеморацијата што се одржа изминатата сабота во Домот на Армијата во Белград.

Остри реакции и осуди од Брисел

Оддавањето почит за Младиќ наиде на жестоки осуди од бројни европски претставници. Европската комесарка за проширување Марта Кос ја откажа својата посета на Белград, планирана за 10 септември, каде што требаше да се сретне со претставници на власта, опозицијата и граѓанскиот сектор. Таа истакна дека „величањето што ја следи неговата смрт не е во согласност со вредностите на кои почива европскиот пат“.

Претседателот Вучиќ оваа реакција на комесарката Кос ја нарече „непромислена“.

Синот на Младиќ, Дарко Младиќ, за време на гостување на телевизија апелираше до сите што планираат да дојдат да не купуваат цвеќе, туку тие средства да ги уплатат во хуманитарни организации за лекување болни деца. Тој претходно обвини дека татко му починал поради несоодветно лекување во затворската болница и ги повика граѓаните на мирно и достоинствено испраќање.

Подготовки на терен

На терен, во близина на црквата „Свети Лука“ е поставен видеобим, поставени се мобилни тоалети, а комуналните служби ги вршеа последните подготовки. На влезовите во црквата се истакнати српски знамиња, а свештенството ги покани верниците и волонтерите да помогнат околу делењето вода и свеќи поради очекуваниот голем број посетители.

Поранешниот командант на Војската на Република Српска, кој во Хашкиот трибунал беше осуден за воени злосторства и геноцидот во Сребреница, почина на 27 август на 84-годишна возраст, во затворската болница во Хаг.


Прочитај ја целата статија