Улогата на „картонскиот Мајдан“ во најновата украинска „револуција“

пред 1 месец 1
ARTICLE AD BOX

Добивај вести на Viber

Последниот текст објавен минатата недела на овие страници беше посветен на промените во украинската влада. Ако се промени премиерот паѓа и целата влада. Претседателот . Владимир Зеленски, пред неполна година ја смени тогашната влада. И за претседател ја постави Јулија Свириденко. Таа не издржа, ниту една година, па мораше да замине. Развојот на настаните, покажа дека целта не била Свириденко, туку министерот за одбрана, Михаил Фјодоров, исто така поставен од претседателот. Тогаш напишавме дека има шпекулации тој да стане нов премиер. Но, планот на Зеленски бил Фјодоров да биде „жртвен јарец“.  Поради опасноста од неговиот раст во очите на јавноста, поради воени успеси со користење на новите технологии и беспилотни летала, со што би го засенил Зеленски. Исто така и дека има намера да ги „оддалечи“ компаниите на „Фамилијата“ од тендерите во одбраната. Згора на тоа се споменуваат и политички амбиции на Фјодоров, се’ до кандидат за претседател.

Па, тој беше сменет со понуда за некаква висока функција, потпретседател на влада задолжен за реформи во армијата, која тој глатко ја одби, со образложение дека не знае зошто е сменет. Згора на тоа отворено бара министерска функција со овластување да ја реформира армијата. Со што му фрли ракавица на претседателот. Кој, пак, го назначи Евгениј Хмара за вршител на должноста министер за одбрана. Што значи од вршител полесно може да биде отстранет, отколку да е министер.  

Оттогаш, еве, веќе седми ден не стивнуваат протестите на т.н. „картонски Мајдан“. Украина влегува во политичка криза. Тие стануваат се побројни од ден во ден. Јавно не се знае кој ги влече конците во позадината на протестите. Но во украински медиуми се пишува дека тоа се поддржувачи на Фјодоров од војската, од олигархијата, но и од „круговите што добиваат грантови“, блиски до антикорупционерите и молчаливо поддржани од ЕУ и американски демократи. За волја на вистината имаше малубројни јавни обраќања во кои се негираа  успесите на Фјодоров. Нема да изненади наредниве денови се зголеми бројот на луѓето со картони во рацете на кои се испишани пароли против смената на Фјодоров, се бара тој да биде вратен на министерската функција, се бараше оставка на главниот командант, Александар Сирски. Што беше и направено од страна на Зеленски. Сирски за демонстрантите беше „касап“. Беше сменет и началникот на Генералниот штаб, Андреј Гнатов. Демонстрантите бараа „Дронови наместо пешадија“. Забораваат дека на таков начин нема враќање на изгубените територии. Згора на тоа Русите постепено, заземаат делови од Доњецк и прашање на месеци е кога тој целосно ќе биде во нивни раце. Русите повторуваат дека нивната поставена цел на еден или друг начин ќе биде остварена. Без оглед на жртвите. Барањата за дронови, а не пешадија зборуваат дека на народот во Украина или на оние што излегуваат на протести во градовите им е преку глава од секојдневните жртви. Тие мислат дека дроновите се панацеја.

ЕВРОПА МОЛЧИ

Како и да е, протестите нема да стивнат. Има споредби со „картонскиот Мајдан“ од лани летото, кога илјадници Украинци ширум земјата излегоа на улиците да ги бранат независните антикорупциски институции, за кои Зеленски беше решил да ги стави в џеб, бидејќи почна да ја растураат „Фамилијата“. Тогаш се пробуди и ЕУ и беше извршен притисок врз претседателот, па тој попушти, но го смени неговиот шеф на кабинетот, Андреј Јермак, човекот број 2 во земјата, се отвори „аферата Миндич“, по што луѓе блиски до Зеленски избегаа во странство, имаше обвиненија против дел од министри и други началници. Се виде дека Зеленски се уплаши, па ја свитка опашката. Особено поради отворениот притисок на ЕУ, која е и најголемиот финансиер на војната со Русија. Овој пат ЕУ јавно не се јавува, барем не Урсула фон дер Лајен, чија уста  обично е полна со Зеленски. На најавите на смените во владата во почетокот реагираше, комесарот за одбрана, Андрјус Кубиљус, за кого главно прашање беше  „кој ќе биде министер за одбрана“, истакнувајќи ја соработката со Фјодоров особено околу ударите врз Москва, Петербург, Крим, Омск...Тој сака ЕУ да знае зошто бил сменет Фјодоров, што предизвикува збунетост во Брисел. Западни медиуми го нападнаа решението на Зеленски.

И додека Европа јавно молчи, демонстрантите во Украина се договараат да ги продолжат протестите без ограничување. За утре вечер се најавени големи собири во градовите ширум земјата. И Зеленски , како и лани, ќе биде приморан да влече тешки потези. Лани се откажа од своите луѓе, а овој пат треба да се повини на желбата на поранешниот министер. Што ќе биде пораз за него. И ќе даде ветер во крилата на Фјодоров. Чии амбиции ќе пораснат уште повеќе. На пример, да ја земе под контрола целата армија, да стане врховен командант. А тоа може ако стане претседател. Но за тоа се потребни избори. Кои засега не се можни. Друга одлука на Зеленски може да биде неприфаќањето на барањето на демонстрантите. По што протестите ќе продолжат и ќе дојде до продлабочување на политичката криза. Што може да доведе и до „картонска револуција“. Или бунт во армијата чиј главен командант сега е поддржувачот на Фјодоров, Михаил Драпати. Тој јавно ја осуди одлуката на Зеленски за смена на Фјодоров.

На Зеленски му се смалува просторот за маневрирање. И деновиве со соработниците сигурно ќе чука глава какво решение да донесе. Во меѓувреме тој има покана да патува во САД на погреб на големиот поддржувач на Украина, Линзи Грем, кој треба да биде погребан во вторник. Зеленски беше многу близок со него. Ден пред да почине, Грем беше во Украина на средба со Зеленски. Вчера во Киев беше објавено дека Зеленски планира неколкудневна посета на САД, да присуствува на погребот на Грем и средба со претседателот Доналд Трамп. Тој имаше и разговор со преговарачите од САД околу Украина, Стив Виткоф и Џаред Кушнер. Со барање да продолжат преговорите со Русија за „достоинствен мир“. Војната на САД со Иран го направи своето и војната во Украина е веќе на втор план. А жртвите не престануваат.

ЗЕЛЕНСКИ ВО САД?

Русија се јави со нов став, дека веќе нема намера да врати некои од освоените територии, според договорот со Трамп на Аљаска, доколку Украина се повлечеше од Донбас. Туку тие ќе служат како тампон зона меѓу двете земји. Станува збор за територии во Сумската и во Харковската област. Во меѓувреме рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лаворов, им упати порака на Американците, кои ја „заборавија“ Аљаска, тие да си го гледаат Иран, а Русија ќе се занимава со Украина. Денес во Манила , на министерскиот состанок на АСЕАН, треба да се сретнат Лавров и неговиот американски колега, Марко Рубио. Главна точка ќе биде Украина, но нема да изостане ниту Иран.

Можеби Зеленски ќе го чека резултатот од ова средба па да одлучи за патувањето во САД. Ако е потврдена и средба со Трамп, тогаш таа не треба да се пропушти. Планот за посетата засега не е потврден. Доколку тој не може да патува, тогаш делегацијата ќе ја предводи друг. Зошто Зеленски да не може да патува кај големиот пријател на Украина - САД? Од едноставна причина. Политичката криза која ќе се развива и можниот државен удар во најдобрите советски традиции. А Украина беше една од ударните тупаници во СССР. Двајца Украинци беа и генерални секретари на КПСС. А традицијата зборува дека ударите се прават кога првиот човек не е во главниот град. Страв лозје чува.

Најлесно за Зеленски ќе  биде Фјодоров да го врати во министерската фотелја. Зашто Европа сигурно многу притиска. Чим толку јавно молчи, неа и врие што не може и не смее отворено да го нападне Зеленски. Нејзиниот миленик. Зашто во прашање е интегритетот на државата, на армијата нејзина, која е веќе донекаде поделена, меѓу „пешадијата“ и „дроновите“. А не интегритетот на Зеленски. Па декорот во јавноста ќе биде дека тој  навистина е „слуга на народот“. Настрана последиците за него, кои ги немаше во сценаријата на неговата улога во истоимената телевизиска серија. Но, оној што помирисал моќ тешко ќе се откаже од неа. Или барем ќе се договара со Фјодоров да задржи дел од неа. Тоа ќе биде тешко. Ако Фјодоров стане министер, тогаш целата армија ќе биде во неговите раце и во рацете на главниот командант и негов поддржувач Драпати. А армијата е единственото нешто околу кое е најмногу сплотен украинскиот народ. Згора над ова, доколку Зеленски ја изгуби моќта, може лесно да се најде во компанијата со Јермак и неговите другари кои избегаа пред законот да ги достигне.

Затоа останува да се види какви ќе бидат идните маневри на претседателот. Колку ќе му бидат од помош специјалните служби, колку владата и други институции кои се под негова надлежност. Па да може да ја гради својата нова улога.

Врз сето ова што се случува во Украина се замисли украинскиот новинар Виталиј Портников. Па се обиде да одговори на прашањето за воените министри во време на Втората светска војна. Во САД имало еден. Генералот Хенри Стимсон, кој ја модернизирал американската армија и бил куратор на проектот „Менхетен“. Поднел оставка по капитулацијата на Јапонија. Во Велика Британија, премиерот Винстон Черчил, бил и министер за одбрана. На функцијата останал се’ додека бил премиер. Во Советскиот Сојуз  народен комесар за одбрана формално бил еден. Сталин, го тргнал својот претходник еден месец по нападот на Германија врз СССР и таа функција ја вршел се до 1947 година.

Портников прашува и одговара:„ Зошто е тоа така? Бидејќи во време на војна, Министерството за одбрана е најважната институција во земјата. А успехот на фронтот зависи од неговото непречено работење. Но, светската историја, кадровската политика и практика не се за нас. Се однесуваме како да сакаме да победиме на избори, а не во војна“.

Во Украина од 2022 година до денес имало пет министри за одбрана. Во просек мандатот не им траел ниту по една година.

Мирче Адамчевски

*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор


Прочитај ја целата статија