8 Март без маски, жена против жена: Зошто најболните зборови доаѓаат од нас?

пред 5 месеци 1
ARTICLE AD BOX

Добивај вести на Viber

На овој ден ќе зборуваме за солидарноста, за успесите и за силата на жените. Ќе си го честитаме 8 Март празникот на жената, ќе си подариме цвеќе и ќе си упатиме убави зборови. Барем за миг ќе заборавиме на критиките, осудите и лошите коментари кои понекогаш знаеме да си ги кажеме една на друга. Но, може ли тој миг да стане правило, а не само исклучок?

Токму затоа, поставивме три прашања до нашите соговорнички, јавни личности од различни сфери: Иванка Василевска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Снежана Лупевска Созен, новинарка и менаџерка на Телма ТВ, Татјана Стојановска, презентерка на вестите на Канал 5 и Тамара Тодевска, пејачка.

Зошто понекогаш најболните зборови ги слушаме токму од други жени? Колку еден навредлив коментар на социјалните мрежи може да повредии дали сме свесни за тоа? И што можеме да направиме ние, како жени, за повеќе да се поддржуваме, наместо да се критикуваме?

Пораката што ја испраќаат нашите соговорнички е јасна: наместо критика, потребни се повеќе емпатија, менторство и меѓусебна поддршка. Само преку искрена солидарност, почит и свесност за сопствената одговорност, жените можат да создадат простор во кој успехот на една ќе биде инспирација, а не причина за осуда.

Иванка Василевска: Потребна е длабока општествена трансформација, која ќе произведе свесни битија на кои не им треба мецена, шофер или спонзор

Нема унифицирана дефиниција за тоа од кого и од каде ќе дојдат лошите или злобните коментари. Според Василевска, секоја една невистина или лоша намера, без оглед на полот, е предизвикана со цел да креира немир и разочарување. Кога истото свесно доаѓа од жена кон жена, таквиот порив е најчесто предизвикан од чувството на инфериорност, а истиот се јавува кај оние кои длабоко во себеси се свесни за сопствените недостатоци.

- Сето тоа води до љубомора и ги предизвикува ниските страсти, од кои пак се раѓаат озборувањето, ширењето на полувистини и невистини, преку кои таквите личности пробуваат да си го повратат чувството на самодоверба кое од разни причини, го изгубиле некаде по патот. Како свесни битија, сите ние знаеме дека живееме во ерата на глобални процеси во која со развојот на колективните права, како да се подзаборава на правата на индивидуата, која секоја една за себе претставува комплексен и мошне разгранет уникатен примерок и од тие причини, доколку се зафатиме да ги разглобиме сите можности поради кои се случува, би рекла овој општествен феномен, повторно би се вратиле на примордијалниот инстинкт каде функционира само законот на силата, за која добро знаеме дека не мора да повредува само физички, туку можеби уште повеќе ранува на психолошки или духовен план. – посочува Василевска.

Секоја една негативна вибрација повредува, но она што не го разбираат сите е дека истата ги повредува и жртвата и насилникот/насилничката.

- За омраза треба емоција, треба канал и треба дестинација, исто како и за љубовта. Злоупотребата на социјалните мрежи за ширење на невистини и навреди, секако повредува, тие се расфрлаат во еден простран океан кој ги бранува тие вибрации на сите страни и се употребува со цел да се дезинформира, да се деградира и општествено да се анулира таргетираната жртва. Секоја една пристојна личност, има имунитет да се изолира од ваквиот механизам на насилство, а честопати интересот за ваквите коментари доаѓа повторно од чувството на неисполнетост, на личен немир или животен неуспех. Со развојот на социјалните медиуми и нивното еволуирање, стануваме свесни дека многу коментари низ јавниот простор доаѓаат со цел да креираат дезинформирање, преку градењето на мислење од монтирани кратки видеа и читање на дезинформативни наслови кои потсвесно ја навигираат индивидуата да изгради став во сосема погрешен правец и тоа е нешто кое ќе трае уште долго време и за справување со таквиот пропаганден отпад секоја една личност ќе мора да вложи напор, доколку сака да изгради здраво мислење, да се потруди подлабоко да ги истражи таквите информации или барем да создаде резистенција спрема таквиот вид на коментари или вести. - појаснува Василевска и додава дека со добивањето на правото на глас и со квотите за застапеност на жените во општествено - политичкиот простор во текот на минатиот век беше остварено едно големо колективно прашање и истото претставува во секоја смисла голем исчекор во развојот на современата цивилизација.

- Но, мораме да признаеме дека на индивидуален план, се случува нешто сосема поинаку. Многу често се соочуваме со некомпетентни, па би рекла и недостоинствени жени, со слаб интелектуален или човечки капитал кои зафаќаат виден простор на јавната сцена и истите креираат мислење, наметнуваат присуство и со своите постапки ги одвраќаат или воопшто не ги интегрираат другите жени, најверојатно поради чувството на загрозеност и на тој начин ја уриваат оригиналната идеја за еднаквост на половите. За промена на таквиот начин на постапување, потребна е длабока општествена трансформација во која домашното воспитание заедно со силниот образовен процес ќе произведат жени кои се еднакво способни како и мажите, но во исто време и само свесни битија на кои не им треба мецена, шофер или спонзор за да бидат препознаени, ценети и почитувани. Ова особено е важно и за изборот на жените во политиката бидејќи во таа се уште машка арена, ретко една жена може да го издржи притисокот и стресот долг временски период, без поддршка од другите жени. И токму од таа причина, сојузите повторно се помеѓу половите каде жените на крајот го добиваат помошното столче. Кога ќе се развие колективната будност за таквата состојба, верувам дека ќе започне и оваа промена каде поддршката помеѓу жените ќе биде поискрена, исто како и желбата за заеднички придонес во подобрувањето на животните услови и поткревањето на стандардите кои ќе градат вистински примери кои ќе служат како пример за помладите и ќе ги мотивираат и останатите да бидат уште подобри и поуспешни. -заклучува Василевска.

Богданка Кузевска: Никој не смее да биде навредуван по било која основа- тоа да стане правило на однесување

Често се случува најболните зборови кон една жена да дојдат токму од друга жена. Според Богдана Кузевска, портпарол на СДСМ можеби тие зборови по својата форма не се поразлични од зборовите што би ги кажал еден маж, но, ние ги доживуваме многу подлабоко.

-Причината е едноставна- од жена очекуваме нешто повеќе. Очекуваме разбирање, емпатија, солидарност. Очекуваме подадена рака. Секоја жена знае колку тежат улогите што ги носиме во животот. Да се биде мајка, ќерка, сестра, работничка, раководителка, директорка, сопственичка на бизнис - секоја од тие улоги носи свои предизвици, понекогаш и свои тивки битки - посочува Кузевска и посочува, кога знаеме дека речиси сите ги носиме истите товар и дилеми, природно е да очекуваме меѓусебна поддршка.

-Токму затоа, кога наместо разбирање ќе дојде навреда, кога наместо подадена рака ќе почувствуваме дека некој ни „подметнува нога“, болката е поголема. Не затоа што зборовите се потешки, туку затоа што доаѓаат од некој од кого сме очекувале разбирање.Нема да претерам ако кажам дека речиси секојдневно се соочувам со негативни и навредливи коментари на социјалните мрежи. Со текот на годините пронајдов еден свој механизам за „преживување“ - едноставно не ги читам. Но, искрено верувам дека тоа не е вистинското решение - вели Кузевска.

Она што лично ја прави горда е што никогаш не почувствувала потреба да возврати со истата мерка на навреда.

-За мене, токму во тие моменти се случува вистинскиот тест на човечноста. Кога сте изложени на навреди, кога знаете дека тие зборови ги читаат не само вие туку и вашите најблиски - а сепак избирате да не возвратите со истата тежина, туку да останете достоинствени. Да останете човек. Она што за мене е најпоразително е што најголем дел од навредливите коментари доаѓаат токму од жени. Од жени кои се мајки. Понекогаш и баби. Од профили на кои гледате фотографии од нивните семејства, од нивните внуци, од моменти на љубов и топлина. Сакам да верувам дека тие не се свесни колку зборот може да повреди. Но, за жал, сѐ почесто имам чувство дека свесноста постои и дека токму тоа е намерата: да се навреди, да се повреди, да се понижи. И искрено, таа потреба никогаш не сум успеала да ја разберам. Можеби звучи како фраза кога ќе кажеме дека никој не смее да биде навредуван по било која основа. Но, вистината е дека е крајно време тоа да престане да биде фраза и конечно да стане правило на однесување - вели Кузевска и појаснува дека нејзиниот „штит“ да не ги чита таквите коментари не е решение.

-Потребна е многу поголема свест во општеството. Потребна е едукација, но и одговорност. Навредливите зборови што шират омраза не смеат да останат без последици. Понекогаш е потребно и институционално решение - односно покренување постапки согласно закон, за секој да сноси одговорност за она што го кажува. Затоа што слободата на секој човек завршува таму каде што почнува да го загрозува достоинството на другиот.Рецептот е едноставен. Но, бара искреност - посочува Кузевска.

Според неа, доколку секоја од нас на крајот на денот застане пред огледало и искрено се запраша како го поминала денот - ќе се сети на сите мали и големи битки што ги водела.

-Како жонглирала со обврски. Како завршила задачи за кои наутро мислела дека се невозможни. Како успеала да стигне на сите места иако во еден момент помислила дека нема сила. Во тој момент ќе сфати нешто многу важно. Ќе сфати дека истите тие битки ги води и нејзината колешка. Нејзината сосетка. Нејзината пријателка.Ќе сфати дека сме многу повеќе исти отколку различни. И токму затоа секоја жена заслужува искрен аплауз.

Аплауз како признание.

Аплауз како поддршка.

Аплауз како мотив да продолжи.

А аплаузот од жена за жена е најсилниот аплауз.

Тоа е аплауз кој создава храброст.

Аплауз кој гради самодоверба.

Аплауз кој прави промени.

Мојата рака за поддршка денес е посилна, затоа што вчера мојата рака силно ја држеше друга жена.

Токму во тоа е нашата сила.

Нема поголема сила од жена која знае колку е тешко и затоа избира да биде поддршка, а не судија- заклучува Кузевска.

Снежана Лупевска Созен: Многу можеме - за жал се уште не правиме сé што е потребно

За жал понекогаш жената навистина знае да биде поголем непријател на друга жена одошто цело општество. Снежана Лупевска Созен тоа го препишува на жени кои не се задоволни од себе, од својот живот или кариера, од љубомора, завист или друга емоционална криза.

- Психолошкото малтретирање на жена кон жена не смееме да го запоставиме во општеството и дорбо е што го поставувате ова прашање. Секогаш говориме за машкиот шовинизам илинеправеден однос кон жената, но малку се говори за тоа дека жена на жена знае да ѝ биде душман. Некогаш жените не можат да ги сокријат емоциите, оние лошите, па од тука доаѓаат и лошите и болни зборови. Наместо да менторираат во позитивна смисла млади девојки,тие знаат да ги повредат, да се однесуваат шефовски дрско и безобразно. Мислам дека ова прашање е за добра јавна дебата сите ние жените да се соочиме со вистината дека и кај нас во женскиот род има грешки. - посочува Лупевска Созен.

Навредлив коментар на социјалните мрежи повредува. Психичкото насилство и навредите се почести заради присуството на социјалните мрежи.

- Секој може да искоментира фотографија, пост или видео поставено на нашите профили. Добро е што и таквата навреда е казниво дело. Ние новинарките сме свесни дека не може нашата работа секому да му се допадне, па често трпиме навреди на социјалните мрежи. Но, повеќе повредува кога навредите се однесуваат на мојата приватност, изгледот, мојот брак, моето семејство. Тогаш навистина е болно бидејќи навредите не ги трпам само јас туку и моите блиски. Треба да се спротивставиме на таквите ботови или злонамерници, да им ставиме јасно на знаење дека и навредата на социјалните мрежи или психичкото малтретирање може да предизвика тужба-вели Лупевска Созен и додава:

- Многу можеме да направиме и за жал се уште не правиме сé што е потребно. Го споменав менторирањето на помладите жени. Тоа е многу битно особено од страна на успешни жени кои треба да го пренесат своето знаење и формула за успех на други жени, да им помогнат полесно да го поминат патот и до професионалниот и приватниот успех . Од друга страна, не смееме да бидеме глуви и слепи за сетоона што се случува во општеството:за семејното насилство, фемицидот, малтретирањето на жените на работното место. За сето ова треба да бидеме гласни. Да направиме мрежи за заштита на сите жртви, кои и дома но и на работа трпат психичко насилство и мобинг. Наша одговорност е да бидеме гласни, но и од акција . Станавме за жал општество без емпатија, кое замижува, кое се затвора, кое не сака да подаде рака... Се надеам дека следниот Oсми март ќе успееме барем нешто повеќе да сториме и да даваме позитивни примери. – заклучува Лупевска Созен.

Татјана Стојановска Китановска: Кога постои самодоверба и свесност кај една жена, тогаш наместо осуда има емпатија

Често најболните зборови за жените доаѓаат од други жени затоа што живееме во општество кое долго време ги поставувало жените во позиција на споредување и натпревар меѓу нив околу изглед, улоги, успех или внимание. Наместо солидарност, според Стојановска - Китановска понекогаш се создава несигурност, а несигурноста знае да се претвори во критика.

- Верувам дека тоа не е природна женска особина, туку научен модел на однесување. Денес сѐ повеќе гледаме жени кои се поддржуваат, менторираат и се охрабруваат меѓусебно. Кога постои самодоверба и свесност кај една жена, тогаш наместо осуда има емпатија. Кога жената е задоволна од сé што постигнала, како се реализирала во семејството, работата, општеството, тогаш ги гледа реално работите и ги вреднува успесите и вредностите и кај другите жени и наместо да љубомори на тоа, таа се радува и се гордее со успехот на другите. - вели Стојановска Китановска, за која клучот е во тоа секоја од нас да избере поддршка наместо критика.

- Така жените ќе се чувствуваат поубаво и позадоволно.Многу можеме да направиме и за жал се уште не правиме сé што е потребно. Многу често гледам навредливи коментари и незадоволство кај луѓето на социјалните мрежи. Се критикуваат јавни личности,без разлика дали се мажи или жени, но мислам дека многу почесто е мажи да критикуваат жени, што укажува на големи фрустрации. Секако дека тоа е навредливо и дека може да влијае негативно особено на помладите што се уште се несигурни и неоформени во своите ставови и да предизвика нарушување на самодовербата, па дури и откажување од јавната професија, кариера. – појаснува Стојановска Китановска.

За да си дадеме поддршка како жени потребно е прво да станеме свесни дека споредувањето и натпреварувањето со други жени не треба да ни станува навика. Наместо да се мериме една со друга, да се прашаме „што можам да научам од неа“

Второ, да даваме комплименти гласно и искрено. Поддршката не мора да е голем гест - понекогаш една реченица може да ја смени нечија самодоверба. Трето, да не учествуваме во озборување. Кога ќе одбиеме да бидеме дел од негативен разговор, испраќаме порака дека почитта е многу поважна отколку лечењето комплекси преку навредување и озборување на другите. И најважно - да градиме самодоверба кај себе. Жена која е сигурна во себе, нема потреба да критикува друга жена. - заклучува Стојановска Китановска.

Тамара Тодевска: Треба да бидеме подобри луѓе и без бариери да гледаме едни кон други

Коментар на социјални мрежи може многу да повреди, може да измести еден цел живот, особено кај помладите генерации. Тамара Тодевска нагласува дека треба да бидеме многу внимателни и паметно да го користиме Интернетот и социјалните мрежи.

- Имам две деца кои растат во ера на дигитализација, социјални мрежи, вештачка интелигенција и мора сите активно да зборуваме за ова, и дома, и во училиште и секаде. Забраните и рестрикциите понекогаш можат да бидат решение, но најважно е едукација за правилно користење на новите технологии и максимално искористување на нивните позитивни страни. Кога понекогаш ќе прочитам коментари по социјалните мрежи, не само за мене, туку и на други објави, немам објаснување. Гледам дека возрасни и остварени жени комуницираат со погрдни зборови и речник кој не е доличен за 21-от век. Родот не е причина туку домашното воспитување, растење, колку си задоволен од самиот себе, работата што ја работиш, животот кој го живееш. Затоа што ние жените честопати добиваме и пофални зборови од други жени и тие навистина ни значат, затоа што се особено искрени и од срце споделени. – вели Тодевска.

Живееме во свет кој и онака е полн со гнев и омраза. Оттука, нема потреба и меѓусебно да си ги отежнуваме кариерите и животите.

- И искрено верувам дека ова не е женска тема. Независно што влегуваме во месецот на жената, ова е тема на која мора отворено да зборуваме и многу пошироко да ја гледаме. Не верувам во женски и машки теми, во женски и машки песни, женски и машки проблеми. На крајот од денот, толку сме сите слични и се бориме со исти проблеми. И жените и мажите плачат, се смеат, се радуваат, тагуваат. Едноставно е, треба да бидеме сите подобри луѓе и без бариери да гледаме едни кон други. Тогаш сѐ ќе биде полесно. - заклучува Тодевска.

Соња Алексоска Неделковска

Женски Магазин

Прочитај ја целата статија