ARTICLE AD BOX
Како амбасадорка на Women Political Leaders, министерката Сања Божиновска ја поставува темата за жените во енергетиката како прашање на лидерство, одлучување и праведна транзиција.
Енергетиката долго време се доживуваше како сектор на тешка индустрија, инфраструктура и технички професии во кои жените ретко беа видливи во првите редови. Но, зелената транзиција ја менува таа слика, а со тоа сè погласно се отвора и прашањето за улогата на жените во енергетскиот сектор, пишува Женски магазин.
Поводот за разговорот е ангажманот и назначувањето на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска за амбасадорка на Women Political Leaders, глобална мрежа на жени политички лидерки чија мисија е да го зголеми бројот и влијанието на жените на лидерски позиции во политиката и јавниот живот.
Во изминатиот период Божиновска ја позиционира темата за жените во енергетиката како суштински дел од праведната транзиција. Нејзиниот ангажман се надоврзува и преку настани за жени во енергетиката и рударството, поддршка за STEM-образование, менторство и професионален развој, како и настапи на меѓународни платформи каде родовата еднаквост се поврзува со праведната енергетска транзиција. На глобален настан на ЕБРД по повод Денот на жената таа порача дека поголемото учество на жените, од инженерки и претприемачки до политичарки и извршни лидерки, носи подобри одлуки, повеќе иновации и поотпорни институции. Како пример го посочи и Министерството, каде жените се мнозинство, 80 жени наспроти 70 мажи.
Со неа разговараме зошто жените се важни за иднината на секторот, како транзицијата да биде праведна и за нив, и зошто младите девојки треба да ја препознаат енергетиката како простор за професионална иднина. Министерството повторно подготвува и настан посветен на жените во енергетиката, со цел темата да не остане само на ниво на порака, туку да продолжи како континуирана платформа за видливост, поврзување и професионален развој.
ЖМ: Назначени сте за амбасадорка на Women Political Leaders, глобална мрежа на жени политички лидерки. Зошто е важно ова прашање токму во енергетиката и рударството?
Назначувањето за амбасадорка на Women Political Leaders (WPL) го гледам како признание, но и како обврска. WPL е глобална мрежа што ги поврзува жените кои носат политички и јавни одлуки, со мисија да го зголеми и бројот и влијанието на жените на лидерски позиции. За мене тоа е особено важно затоа што лидерството не е само прашање на функција, туку на влијание, одговорност и способност да се отвораат теми што долго време биле на маргините.
Во енергетиката ова прашање е уште поважно. Станува збор за сектор во кој денес се носат одлуки што ќе ја одредат економската стабилност, инвестициите, зелената транзиција и квалитетот на живот во следните децении. Затоа жените мора да бидат дел од тие одлуки, не само како експертки и професионалки, туку и како лидерки во институции, компании, управувачки тела и меѓународни процеси.
Трансформацијата на енергетиката и рударството покажува дека денес ни треба поширок круг на знаење, лидерство и искуство. Зелената транзиција не е само технички процес и не може да се сведе само на изградба на нови капацитети. Таа бара луѓе што го разбираат енергетскиот и рударскиот сектор, но и технологиите, животната средина, комуникацијата со заедниците, меѓународната соработка, дигитализацијата и управувањето со промени. Во сите овие области жените имаат силна улога и мора да имаат еднаков пристап до лидерски позиции.
Во МЕРМС жените се мнозинство, 80 жени наспроти 70 мажи. За мене тоа е силна порака дека жените веќе носат значајна институционална, професионална и лидерска одговорност. Тоа покажува дека жените не се исклучок во енергетиката, туку дел од нејзината сегашност и иднина. Промоцијата на жените во секторот не е само прашање на еднаквост, туку стратегиска потреба за успехот на зелената транзиција.
ЖМ: Во изминатиот период организиравте повеќе настани посветени на жените во енергетиката, STEM-образованието и лидерството. Зошто е важен континуитетот?
Континуитетот е клучен, затоа што една јавна порака може да отвори внимание, но само постојана работа може да создаде промена. Затоа продолжуваме со настани и иницијативи посветени на жените во енергетиката, со фокус на лидерство, професионален развој, STEM-образование, менторство и поврзување со реалниот сектор. Сега повторно организирам настан посветен на жените во енергетиката, со цел да воспоставиме континуиран разговори но и активности за овие прашања, на некој начин се воспоставува и своевидна платформа која дава видливост, поврзување и простор за професионален развој. Целта е да создадеме простор во кој жените што веќе работат во секторот ќе бидат повидливи, а младите девојки ќе можат полесно да ја препознаат енергетиката како професионален избор. Потребни ни се повеќе инженерки, експертки за обновливи извори на енергија, проектни менаџерки, правнички, економистки, комуникаторки, истражувачки и лидерки во компаниите и институциите што ја водат транзицијата.
Овие настани не се само симболични. Тие се можност за вмрежување, размена на искуства, менторство и отворање конкретни патеки за професионален развој. Ако сакаме повеќе жени на лидерски позиции утре, мора денес да создадеме услови тие да влезат, да напредуваат и да останат во секторот.
ЖМ: Дел сте и од регионалната иницијатива Women on Boards Adria, WOBA, која се залага за поголема застапеност на жените во управни одбори, извршни совети и лидерски позиции. Што значи оваа улога за Вас и зошто е важна токму во енергетиката?
Women on Boards Adria ја отвора суштинската тема жените да бидат дел од местата каде што се носат одлуките. WOBA е регионална иницијатива која работи со компании, институции и меѓународни партнери за поголема застапеност на жените во управни одбори, извршни тимови и C-level позиции.
Тоа е важно затоа што родовата еднаквост се гледа преку реалното влијание и учество на жената во процесите на управување.
За мене оваа улога е важна затоа што лидерството не смее да се гледа како родова привилегија, туку како прашање на знаење, искуство, визија и одговорност. Енергетиката е еден од најстратешките сектори.
Жените мора да имаат реална улога во управувањето со овој процес, не само како експертки и инженерки, туку и како лидерки во институции, компании, управни тела и извршни тимови. Кога во еден сектор се вклучени различни искуства и различни гледишта, решенијата се поквалитетни, а институциите и компаниите стануваат поотпорни.
Многу повеќе за професионална приказна на министерката во енергетскиот сектор, но и за значењето на жените во секторот, за значењето на STEM-образованието прочитајте на Женски магазин.









English (US) ·
Macedonian (MK) ·