GTA 6: Видео играта која ќе ја промени гејминг и забавната индустрија или напумпани прогнози

пред 3 дена 1
ARTICLE AD BOX

Добивај вести на Viber

GTA 6 е најдолго очекуваната видео игра која се претпоставува дека драстично ќе ја промени гејминг, но и забавната индустрија во целост, со очекувана заработка од десетина милијарди долари во првата година од лансирањето. Таков успех никогаш нема постигнато Холивуд со еден наслов, ниту таков обем на продажба е остварен во пикот на музичката индустрија. Огромен буџет, високи очекувања на фановите, технолошки скок и масовна популарност се главните елементи кои ќе го одбележат есенското лансирање на GTA 6, па затоа вреди одблизу да се погледнат клучните бројки. 

GTA 6 се развива повеќе од една деценија и се претпоставува дека буџетот веќе надминал една милијарда американски долари. Крајната сума засега не е откриена, но се претпоставува дека со целиот маркетинг студиото за видео игри „Рокстар“ дека ќе потрош тиеи околу 2 милијарди долари. Претходно рекордот го држеше Red Dead Redemption 2 од истото студио кое го поседува „Тејк Ту“ од нешто над половина милијарда долари. 

Зголемениот буџет се должи на подолгиот период на развој, бидејќи GTA 6 ќе биде една од најдеталните видео игри која ќе има „вечна содржина“, односно и откако ќе ја завршите главната мисија во должина од околу 50-60 часови, играта ќе биде „жива“ и ќе има бројни активности кои ќе го окупираат вашето време. 

Исто така GTA 6 ќе биде најмодерната видео игра која ќе ги искористи максималните технички можности на видео конзолата PlayStation 5 а PC верзијата ќе биде достапна дури за година или две. 

Маркетинг кампањата ќе биде исто така една од најскапите во историјата на гејминг индустријата. Првото видео од околу половина час кое го открива гејмплејот, механиките, ликовите и локациите на играта имаше уникатна премиера на стриминг платформата „Нетфликс“ и генерираше огромен хајп во мејнстрим поп-културата како нов глобален феномен.

До крајот на годината се очекуваат над 30 милиони продадени копии од играта која ќе има почетна цена од над 80 евра, додека верзиите со дополнителни содржи ќе се продаваат за над 100 евра, со што исто така ќе биде една од најскапите видео игри во продажба.

Затоа основните проценки се дека само од продажбата на копии од играта до крајот на годината ќе има заработка од околу 3 милијарди долари, а понатаму заработката ќе се зголемува преку платформата ќ GTA 6 која ќе има бројни додатоци и начина ни на монетизација. 

Само економијата која ќе се создаде околу GTA 6 ви смисла на стриминг, продажба на дигитални средства и хардвер се проценува на десетици милијарди долари.

Од друга страна пак, во САД консултантските куќи веќе предвидуваат дека американската економија ќе има 1 милијарда долари загуби во продуктивноста поради отсуства од работните места во првата фаза од лансирањето на GTA 6.

Дури и со продажба под првичните прогнози, стратегијата на Рокстар е постојано да заработува од GTA 6 преку онлајн верзијата каде се одвиваат главните микротранскации и виртуелна трговија во самата игра, што се прогнозира дека ќе генерира десетици милијарди долари приходи во наредните години.

Поради лансирањето на GTA 6 се очекува да порасне побарувачката за конзолата PlayStation 5 чија цена најверојатно ќе се зголеми. Sony веќе еднаш ја крена цената на конзолите за 100 долари, што претставува своевиден преседан, бидејќи секогаш конзолите по неколку години се продавале за пониска цена од првичната бидејќи се ближат до крајот на животниот век, а со тоа се намалува и пристапот до нови игри кои се компатибилни, пред да биде лансирана следната генерација на конзоли за видео игри. 

Засега не е потврден датумот за лансирање на PlayStation 6, и најверојатно новата конзола ќе се чува во „фиока“ се додека не се исцрпи интересот кој ќе го предизвика GTA 6 на 19 ноември годинава. Интересно е што графиката барем од првата презентација не е премногу фотореалистична и покажува одреден лимит кој го има платформата на PS 5 стара веќе шест години, па така можно е во 2028 или 2029 да биде лансирана нова верзија на GTA 6 од графички и технички аспект која ќе биде достапна исклучиво преку PlayStation 6, што исто така ќе предизвика огромен интерес за конзолата од следната генерација. 

Вкупниот бокс офис на Холивуд за 2025 и 2026 година се очекува да достигне околу 70 милијарди американски долари, а GTA само во првите 60 дена се очекува да заработи меѓу 7 и 8 милијарди долари. Иако е тешко да се споредува продажба на кино билети кои чинат околу 8 евра и видео игри кои се продаваат од 50 евра па нагоре, сепак трендовите покажуваат дека креативноста се сели кон индустријата на видео игри, што се покажува и преку подобрениот сторителинг, врвни актерски имиња кои ги позајмуваат гласовите и ликовите за видео игрите, и врвни сценаристи, продуценти и режисери кои ги ангажираат студијата за видео игри за развој на нивните приказни.

Напредокот на заработката на гејминг индустријата и примената на генеративната вештачка интелигенција во забавните содржини се големи предизвици за начинот на кој досега функционираше Холивуд, особено преку масовните буџети за филмските блокбастери кои сѐ повеќе стануваат неисплатливи. 

Потенцијалниот успех на GTA 6 се очекува да има значаен ефект и во ААА сегментот на продукција на видео игри, и другите студија најверојатно ќе ги зголемат нивните буџети за нови наслови кои треба да бидат конкурентни, што ќе значи дополнително привлекување креативни таленти од Холивуд.

Х.С.

Прочитај ја целата статија