ARTICLE AD BOX
„Украинскиот претседател Владимир Зеленски е во критична ситуација кога политичките конкуренти дома му бараат избори, мобилизацијата не се реализира според потребите, САД не испорачува ново оружје, Зеленски бара оданпред да му ги платат 90-те милијарди од ЕУ за оружје и одржување на државната админситрација – и ништо од тоа не доаѓа. Ситуација кога се соочува со корупција во државниот врв и кај негови најблиски соработници, кога на фронтот губи најмалку едно до две населени места дневно и се очекува напуштање на цивилите на двата клучни града во Доњецк, на Славјанск и Краматорск, создава нервоза и барање “за промена на ситуацијата“ по секоја цена“. Оваа содржина е објавена во „Киев индепендент“, а пренесена од еден наш медиум.
Најавата за „промена на ситуацијата“ дојде токму на 1 септември, денот кога започна Втората светска војна во Европа. Како во договор, Германија и Украина тој ден истапија со изјави за промени на ситуацијата. Министерот за надворешни работи на Германија, Јохан Вадефул и министерот за внатрешни работи Александер Добринт на прес конференција ја обвинија Русија за инцидентот со дроновите на аеродромот во Лајпциг. Четири недели по настанот Германија реши дека треба да ги затвори рускиот конзулат во Бон и „Рускиот дом“ во Берлин и да се закани со нови санкции. Претходно канцеларот Фридрих Мерц, се закани дека ќе бидат дадени докази и Русија скапо ќе плати.
Владимир Зеленски, пак, според пренесеното од „Киев индепендент“, промената ја најави со напади врз летечките објекти, товарни и цивилни авиони над Русија... Зеленски во понеделник вечерта ги предупреди авиокомпаниите, осигурителите компании и странските влади дека рускиот воздушен простор „де факто ќе биде затворен“ поради украинските дронови. Украина, како што изјави во објава на Телеграм, не ја загрозува цивилната авијација, но превозниците што летаат до Москва, Санкт Петербург или други големи воздушни центри мора да го земат предвид ризикот од дронови во рускиот воздушен простор. „Денес сакаме да ги предупредиме сите авиокомпании што го користат рускиот воздушен простор, сите осигурителни компании и сите што сè уште ги користат клучните руски аеродроми – руското небо станува апсолутно опасно. Иако руските власти не го пријавуваат тоа како што треба, руското небо де факто ќе биде затворено“, рече тој. Зеленски рече дека оваа ситуација е предизвикана од самата Русија со војната што ја води против Украина.
ПАРАЛИЗА НА СООБРАЌАЈОТ
Инаку, нападите со беспилотни летала врз руските градови, вклучувајќи ја и Москва, се вообичаени. И за време на нападите руските аеродроми обично ги прекинуваат слетувањата и полетувањата на авионите, се додека опасноста на помине. Се разбира сето тоа доведува до нарушувања на авио сообраќајот. А за Украина тоа е можност „стратешки начин за приближување на војната на Кремљ против Украина до руското население, пишува „Киев индепендент“.
Зошто Зеленски се заканува со парализа на сообраќајот на небото над Русија, посебно над Москва и Санкт Петербург? „Важно е релевантните авиокомпании, кои моментално летаат до аеродромите првенствено во Москва, Санкт Петербург и други клучни руски дестинации, да го слушнат ова... Цивилната авијација нема место меѓу беспилотните летала“, рече Зеленски.
Веќе спомнавме дека Украина и досега атакуваше со дронови кон руски аеродроми, кои беа привремено затворани. Но очигледно ефектот не се покажа доволен за да се промени сликата од руските напади со дронови и ракети врз Украина и последиците од нив, посебно последниов период, на кои Украина нема соодветен одговор. Пред се’, поради недостигот на оружје за против воздушна одбрана. Сето тоа предизвикува загриженост во јавноста, особено по украинските напади врз енергетската и друга инфраструктура, бродовите со жито и нафта кои поаѓаа од руските пристаништа и трговски центри во Русија летово. Т.н. план, најверојатно договорен со ЕУ и НАТО за „40 дневно бомбардирање“, по што се очекуваше Русија да се приклони кон барањата за прекин на војната. Планот се реализираше, но ефектите беа токму обратни. Русија, на ескалацијата, од Украина и сојузниците одговори со иста ескалација. Па почна интензивно да ја бомбардира Украина, и по трговски центри и го затвори морскиот сообраќај на Украина. Според некои податоци, штетата за Украина од тој план беше поголема отколку онаа на Русија. Се разбира и кај двете страни има големи штети. Можеби целта на Украина беше да се воспостави воздушно примирје, за кое се разговара поодамна, но Москва се откажува од таквиот чекор.
Изјавата на „промена“ на Зеленски, рековме, се совпадна со германското обвинување на Русија за инцидентот со дроновите во Лајпциг. Берлин уште пред објавувањето на обвинението за Русија беше поддржан и од „синот на Трамп“, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, од првиот човек на ЕК, Урсула фон дер Лајен, а редица земји од ЕУ ги повикаа руските амбасадори да им изразат протест за инцидентот во Лајпциг. Чиниш тој се случил во нивните земји. Ова повеќе личи на координирана акција со која „им се држи стравот“ на Германците за нивниот потег кон Русија. Можеби и изјавата на Зеленски е координирана со Фридрих Мерц. Но не мора да значи дека е така. Тој можеби самостојно решил да се приклучи кон европската осуда на настанот во Лајпциг и германските санкции за него.
КОРУПЦИЈА
Кога ќе преземе човек некој чекор, треба да помисли што и како понатаму? Дали помислил на одговорот на Русија на тој чекор? Прво дали Киев може да преземе таков голем чекор кон руските аеродроми? Не се само Москва и Санкт Петербург. Тој би требало да лансира илјадници дронови дневно, кои би биле закана за граѓанскиот авиосообраќај. Украина произведува дронови, добива илјадници од странство, но тие не се доволно сообраќајот да биде во прекин 24 часа. Тоа чини пари, а Украина ги нема. Однапред ги бара 90 милијарди евра, ветени од ЕУ за оваа и за наредната година. ЕУ одговара дека ако се направи тоа, тогаш ќе нема пари за наредната година. А и така овие 90 милијарди долари беа стокмени на сила, поради неможноста да се „украдат“ над 200 милијарди евра руски заробени пари во Белгија.
Можеби Зеленски го презема овој чекор да ја оттргне загриженоста на јавноста од корупцијата во врвот на власта, која што постепено се доближува кон него. Антикорпционерите полека ја стегаат јамката. Се отворат кривични дела против негови најблиски соработници. Поранешниот министер за одбрана, Михаил Фјодоров, шета низ светот и го озборува Зеленски и „неговата мафија“, корупцијата што создава загриженост во власта. Тука е и Главниот командант Михаил Драпатиј, поддржувач на Фјодороф. Обидите на Зеленски, како Врховен командант, да постави некаква рамнотежа врз котролата на војската, не се знае до кога ќе бидат успешни. Валериј Залужњи, некогашниот Главен командант, следи се’ од амбасадорскиот кабинет во Лондон. Засега мудро молчи, но сигурно тоа нема да трае долго. И како врв, вчера и завчера во Киев дојде до престрелка меѓу припадници на специјалните единици на Службата за безбедност на Украина со специјалците од военото разузнавање. Има мртов и ранети. Кирил Буданов, шефот на кабинетот на Зеленски јавно ги поддржа специјалците од военото разузнавање. А СБУ му е лојална на Зеленски. Некои велат дека станува збор за криминална позадина на престрелката. Но, како и да е ова е знак дека може да дојде до раскол во војската, и меѓу специјалните сили, па и до граѓанска војна во Украина. Има многу војска, има многу оружје. А нервозата станува се поголема. И поради ситуација на фронтот, која не е во полза на Украина, иако не и многу за Русија, барем засега.
Одговорот на Русија на заканите од Зеленски дојде од претседателот, Владимир Путин, од Бишкек, Киргистан, каде што беше на Самитот на Шангајската организација за соработка. Организација која со малку повеќе од десетина земји, има над четири милијарди население. Од Саудиска Арабија до Пакистан, преку Кина, Индија, Русија...Путин рече:„Ако ова се каже гласно, тоа е пријава за државен тероризам. А притоа тие бараат лични средби, бараат обновување на преговорите. Но, со терористи не се водат преговори“. Тој додаде дека ако станува збор за акции против цивилното воздухопловство, Русија ќе „најде алатки“ да одговори. „Реков дека ова е пријава за државен тероризам, а не премин кон тој тероризам. И ако дојде до тоа, ќе видиме како да одговориме. Ќе најдеме алатки“, рече рускиот претседател. По ова, Путин беше директно прашан: „Дали Зеленски и украинското раководство во моментов имаат имунитет од руските напади?“ „Како што можете да видите, ние не спроведуваме такви напади. Тргнуваме од тоа дека ни требаат одредени луѓе, ако тие навистина разберат дека сакаат да ги решат проблемите мирно. Ни требаат одредени преговарачи“, одговори Путин. Во поцелосен одговор, Путин изјави дека на Москва ѝ се потребни украински претставници со кои може да преговара, „доколку тие разберат дека сакаат мирно да ги решат проблемите, а не едноставно да ја уништат нашата економија за 40 дена, да ја турнат Русија на колена и да ѝ нанесат уште еден стратешки удар, стратешки пораз“. „Украина ни нанесе вистинска штета за време на својата 40-дневна операција; приближно 100 бродови беа оштетени, луѓе беа убиени, вклучувајќи странци, државјани на Азербејџан и Турција. Вкупната штета изнесуваше околу 1% од БДП, што не е критично за нас“, изјави Путин. Можеби не е критично, но вкупно земено економската штета од војната има големо влијание врз руската економија, растот на БДП, растот на инфлацијата.
КАДЕ СЕ ДОКАЗИТЕ?
Во сето ова многу поопасно е ако станува збор за потег на Украина во договор со Германија, односно, НАТО и ЕУ. Нешто како нов план „40 денови“. Тогаш работите можеби ќе излезат од контрола. Кремљ, засега не оди на отворена ескалација, туку одговара на потези на Украина и Европа. Но ако оцени дека станува збор за ескалација од Западот, тогаш одговорот може да биде нагол и опасен. А такви заговорници во Москва постојат. Особено ако изјавата на Зеленски може да се толкува како чекор кон ескалација.
Путин во Бишкек одговори и на прашање за најавите од Берлин за затворање на дипломатски и други институции и нови санкции кон Русија. Путин ги отфрли обвинувањата на германската влада за вмешаност на Русија во инцидентот во август со беспилотно летало со експлозив на аеродромот во Лајпциг. Путин изјави дека верува оти обвинувањата на истрагата произлегуваат од проблеми во самата Германија. „Каде се доказите? А што, ако тие подметнале докази“, рече тој. „Позицијата на канцеларот е тешка на домашен план. Тој не ужива доверба кај своите граѓани. И разбирливо е зошто - затоа што не ги брани националните интереси, туку тргува со нив. Постојат очигледни економски грешки. Бизнисите се затвораат, луѓето губат работни места, а животниот стандард се намалува. Не е јасно зошто сето ова се прави. Единственото објаснување е дека треба да се спротивставиме со агресивна Русија“, изјави Путин, поврзувајќи ги постапките на Берлин со опаѓачкиот рејтинг на владата и претстојните избори во Саксонија.
Има различни мислења за одговорот на Берлин кон Москва. Дирк Емерих за „Дојче веле“ пишува дека станува збор за одмазднички мерки од арсеналот на класични политички и дипломатски алатки. За затворањето на зградата на „Рускиот дом“ во Берлин се разговарало веќе неколку недели, бидејќи наводно била користена за шпионски активности. Но, дали ситуацијата ќе се промени по неговото затворање? Руската амбасада е оддалечена само 300 метри по права линија. На територијата на неговиот комплекс згради, се инсталирани разновидна опрема и сателитски чинии, сосема е очигледно дека тие не се наменети за примање телевизиски преноси.
Москва го потврди ставот на Емерих дека „сосема е предвидливо дека Москва сега ќе ги затвори филијалите на Гете-институтот во Русија, а можеби и германскиот конзулат во Санкт Петербург“. Изјавите за зголемен притисок врз руската „флота во сенка“ и заострување на контролите за влез во Германија за руските граѓани изгледаат нејасни. Во исто време, не се зборува за тоа Берлин да се повика на член 4 од договорот за НАТО - односно за консултации со сојузниците од алијансата - или нешто слично, иако за ова беше претходно разговарано“, пишува Емерих..
КОНФРОНТАЦИЈА СО ЕВРОПА, А НЕ ПОРАЗ НА УКРАИНА
Тој не е многу оптимист за влијанието на мерките кон Русија. Според него: „Чекорите што ги преземаа германските власти секако не го лишија Кремљ од сон. Наместо тоа, тие попрво задоволно ќе забележат колку време и какви напори се потребни пред да се објават детално обмислените мерки. Дури и ако Европската унија наскоро го одобри 22-от пакет санкции против Руската Федерација, дополнувајќи ги германските одмазднички мерки, Москва најверојатно ќе се однесе кон нив со истата рамнодушност како и претходниот 21-ви пакет“.
Кои се целите на германските контра мерки кон Русија? Германија не треба да молчи на евентуални хибридни напади. „Но, линијата помеѓу ограничувањето и понатамошната ескалација станува се потенка. Очигледно е дека Москва сè повеќе спроведува хибридни напади против оние земји кои ја поддржуваат Украина. Кремљ експлицитно ја објави оваа намера“, вели Емерих.
Околу целите има различни приоди. Една е да се загрози победата на Алтернатива за Германија на изборите во покраината Саксонија-Анхалт кои треба да се одржат во недела. Таа партија е таму фаворит, па нејзината победа може да предизвика домино ефект на наредните избори во Покраината Мекленбург и во Берлин. Дури само победа во Саксонија-Анхалт може да биде поразителна за Фридрих Мерц и за негово заминување од политиката. Тој можеби се обидува да го насочи вниманието на избирачите на некаква блискост на партијата со Русија. По обвинувањето на Москва, критиката за „проруската“ позиција на АзГ, веројатно ќе се зголеми пред изборите. Но ефектот од неа може да биде и позитивен, а таа партија, благодарејќи на возвратните обвинувања дека Мерц сака војна со Русија да добие повеќе приврзаници. Дотолку повеќе што во источниот дел на Германија нема многу Германци кои би сакале да војуваат со Русија, а и со кого било. Се чини веќе е касно за пресврт. Над 42 проценти од анкетираните избирачи се подготвени да и дадат доверба на Алтернатива за Германија.
Втората цел е одвраќање на Русија. Веќе петта година Западот ја одвраќа Русија од опасен судир со него. Ја користи Украина како топовско месо. За што плаќа дебело. Стотици милијарди евра се слеале што за оружје, што за плати за војската, што за плати за администрацијата. А пари се повеќе нема. Вчера во Ирска на неформална средба на министерите за надворешни работи на ЕУ, се зборуваше за билатерална помош, кредити или донации на Украина. Унијата нема пари. Речиси сите членки сакаат да си ја обезбедат одбраната сами. Прво нивната, а потоа на Украина. А притоа да викаат дека ќе направат се Украина да победи. Емерих пишува:„ Во септември 2026 година веќе не станува збор за тоа Украина да не ја изгуби оваа војна. станува збор за спречување на директна воена конфронтација меѓу Русија и Европската Унија“.
Токму ова, можеби, е третата цел на Украина и Германија, заедно со НАТО и членките на Унијата. Ескалација до директна конфронтација. Иако во Европа постојано изјавуваа за војна со Русија дури во 2030 година. За Русија, Европа е дел од војната. И прави се’ да се спротивстави на тоа. И со хибридни напади. Па дури и се заканува со удари врз некои земји кои ја поддржуваат Украина. Да ги оставиме заканите на некогашниот руски претседател, Димитриј Медведев, за бомбардирање на Берлин и слично. Претседателскиот советник Антон Кобјаков вчера изјави:„ Германија треба да се сети на конференциите на Јалта и Потсдам и на резултатите од овие конференции, и генерално, кој е кој. Секој штурец треба да си го знае местото. Знаеме и се сеќаваме како завршуваат авантурите за Германците. И тие никогаш не завршуваат добро“. Делува заканувачки
Делува, секако. Така ќе биде се додека не се најдат „пожарникари“. Како да се сака да се создаде впечаток во јавноста дека, еве, Русија во Лајпциг ја започна војната со Европа. И да се мобилизира населението, на кое сега ни најмалку не му е до војна на континентот. Но, политичарите очигледно ја ставаат во сенка работата на истрагите и специјалните служби и докажуваат дека „потпалувачот“ е Русија. Односно еден државјанин на Латвија и некој што дошол од Италија, а бил од Белорусија. Во меѓувреме имаше и Украинци осомничени за безбедносни инциденти во Германија. За експлозиите на „Северен поток“, германското обвинителство има обвинет украински државјанин, а друг чекаат да биде екстрадиран. Но нема санкции кон Украина. Важно има политика. А зад неа опасност од голема војна.
Мирче Адамчевски
*
*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор









English (US) ·
Macedonian (MK) ·