ARTICLE AD BOX
Вчера неколку часа медиумите се занимаваа со енигмата, кој патник е во американскиот авион, што од Рига слета во Москва. Американската CBS News, прва објави дека станува збор за Џон Ретклиф, првиот човек на ЦИА. Тој допатувал во Москва на преговори. Со кого? Никој не знае. Или никој не кажува. Димитри Песков, портпаролот на Кремљ, дури рече дека „не знае дека американски воен авион слетал во Москва“!. Никаква потврда ни од ЦИА, ни од Белиот дом, ниту од Пентагон, адресите каде што се обратиле новинари. Засега може да се зборува за тајна, посета, тајни разговори и тајни резултати.
Во Москва малку светлина на посетата на Ретклиф фрли новинар од кремљовскиот новинарски пул. Во својот телеграм-канал тој напиша дека за вчера во Кремљ бил планиран голем настан, над кого работеле стотина луѓе, но бил одложен. „ „Со оглед на тоа што моите извори потврдија дека во Москва долетал токму шефот на ЦИА, сега можеме да претпоставиме поради која средба е променет претседателовиот распоред“, напиша новинарот.
Значи, можеме да се претпостави дека Ретклиф се сретнал со рускиот претседател, Владимир Путин. Директорот на ЦИА важи за јастреб во американската политика кон Русија. Исто како, државниот секретар, Марко Рубио и министерот за финансии, Скот Бесент. Тоа се луѓето кои треба да му удираат шлаканици на претседателот, Доналд Трамп, за да го освестат од неговите компромисни намери кон Русија. Наспроти трамповите преговарачи за Украина, Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер. Тие одамна не дошле во Москва, а Виткоф досега беше осум пати. Не стапнале ни во Украина. Зафатени се со Иран и Израел.
Искачувањето на Џон Ретклиф по кариерното скалило, од градоначалник на малиот град Хит во Тексас, до раководител на водечката разузнавачка агенција во земјата го прави клучна фигура во обликувањето на надворешната политика на САД за време на вториот претседателски мандат на Доналд Трамп. Во 2015 година, тој беше избран во Конгресот. Како конгресмен, тој беше член на Комисиите за разузнавање, домашна безбедност и правосудство на Претставничкиот дом. Тој поднесе оставка во мај 2020 година, за да стане директор на Националното разузнавање за втората половина од првиот мандат на Доналд Трамп. Со враќањето на Трамп во Белата куќа во 2025 година, Ратклиф се врати на висока позиција во разузнавачката заедница, кога Сенатот ја потврди неговата номинација за директор на ЦИА.
ПРЕТПОСТАВКИ
Во изминативе години тој има доста искажувања на надворешно политички план, за војната на Русија со Украина, за Кина, за Иран, за Северна Кореја, Венецуела... Тој е упорен во критиките кон нив. Во едно интервју тој има изјавено дека Русија има предност на бојното поле и полека напредува. Додавајќи дека:„Во врска со украинскиот отпор, украинскиот народ и украинската војска беа потценети неколку години. И на крајот, врз основа на моите набљудувања од перспектива на разузнавањето, убеден сум дека тие ќе се борат со голи раце доколку е потребно, освен ако не се постигнат услови прифатливи за траен мир“. Во исто време, Ратклиф уверува дека Трамп ја разбира опасноста ако Русија го добие она што го сака. Но не кажува што се „прифатливи услови за мир“. Тој е приврзаник за давање на разузнавачки и други податоци на Украина. Негово е искажувањето во Сенатот кога вели дека:„Како директор на ЦИА, ќе го известам претседателот, кога Русите ќе се обидат да им наштетат на американските интереси, но исто така ќе го советувам претседателот, кога ќе се појават можности за работа кон заемно корисни резултати со Русија“. Тој го фалеше Трамп кога се договори со Путин за враќање на Американци од затвор во Русија, со помош на ЦИА и ОАЕ.
Ова по подолго време е прва посета на директор на ЦИА на Москва. Претходната беше на поранешниот директор Вилијам Барнс есента во 2021 година. Дојде да ја предупреди Москва на опасноста од инвазија во Украина. Тогаш Русите речиси цела година имаа над 100.000 војници на границата со Украина. После оваа средба рускиот претседател, Владимир Путин прати писмо до две адреси. САД и НАТО. Бараше гаранции за безбедноста на Русија, пред опасноста од ширењето на Алијансата на исток. Во Украина. И САД и НАТО го одбија барањето на Русија во почетокот на 2022 година. После ова Русија влезе во Украина. И до ден денес не е излезена.
Со што дојде Ретклиф во Украина. Засега тоа е тајна. Можни се само претпоставки. Некако благо звучи претпоставката дека се разговарало за размена на затвореници. Иако тоа не може да се исклучи. И сигурно не била првата точка во разговорите. Тоа обично се завршува претходно, а овластените преговарачи само го заверуваат договореното. Може да се претпостави дека се разговарало и за американско - руските односи. Има прашања кои започнаа да се одговараат, ама работите заглавија. Но и ова може да се работи преку тимови на преговарачи. Не мора Ретклиф да патува до Москва за таква работа. Можеби станало збор и за ова, но некаде на крајот од разговорите. Останува она што е најактуелно во односите меѓу САД и Русија гледано пошироко. Украина, Иран, НАТО, Европа...
НОВА ЗДЕЛКА
Преговорите меѓу Русија и Украина се заглавени, иако и двете страни велат дека се подготвени за нив. Но, ниту една не отстапува од својата „програма максимум“. Ретклиф е тој кој го „одмрзна“ давањето разузнавачки податоци на Украина, после неколкудневниот прекин по налог на Трамп. И сега Украина врши напади длабоко на руска територија, посебно на рафинериите и воени цели. САД, веројатно, сакаат да идат проактивни и да ја принудат Русија да ги омекне условите за прекин на воените дејства. Но, не се исклучува дека во САД, особено после ветувањата дадени во Енкориџ, на средбата на Трамп и Путин, сега сакаат да понудат нова зделка. За ова веќе се зборува минативе месеци. Американците да ја преуредат својата програма за мир во Украина од 28 точки. На начин кој би бил прифатлив за Русија, а да не биде повредена ни Украина. Што ќе биде многу тешко. Иако Украина „постепено ја губи војната“, како што изјави поранешниот министер за одбрана на Украина, Михаил Фјодоров, нагласувајќи дека нема многу време за одговор. Ова може да биде и аргумент на Американците за убедување на Украина. Што не значи дека ќе биде прифатено.
Можно е да е разговарано и за Иран. Русија да им помогне на Американците да излезат од сегашната ситуација како „победници“. Доцна синоќа во Москва, повикувајќи се на извори од Иран и Пакистан беше објавено дека Вашингтон и Техеран се договориле за прекин на огнот. Примирјето предвидува слободно пловење низ Ормускиот теснец. Официјално, се очекува тоа да биде објавено наредниве денови, по што ќе следат преговори и технички средби. Не е јасно како ова ќе влијае на економската блокада врз Иран и заканите од САД кон други држави после објавените економски санкции.
Никако не смее да се исклучи дека е разговарано и за ескалација на напнатоста меѓу Европа и НАТО и Русија. На Запад се зборува за „хибридни војни“ од страна на Русија и провоцирање на НАТО. Но и директен судир во случај на голема ескалација на војната во Украина. НАТО веќе подготвува планови за борба со Русија. Доцна синоќа во Москва беше објавена изјава од амбасадорот за специјални задачи на руското Министерство за надворешни работи Александар Трофимов, кој изјави дека деструктивните дејствија на Европската Унија и НАТО го загрозуваат мирот и безбедноста во Евроазија. „Токму деструктивните дејствија на Западот претставуваат главна закана за мирот и безбедноста во Евроазија. Англосаксонците и другите членови на „воената партија“, претставени од владејачките кругови на Германија, Франција и неколку други земји, како и раководството на Европската Унија и НАТО, продолжуваат намерно да поттикнуваат вооружен конфликт околу Украина“, рече тој.
Последнава претпоставка, разговори за ескалација на напнатоста меѓу НАТО, Европа и Русија,сигурно не им дава спокојство и на Американците. Иако тие се обидуваат да кренат раце од Алијансата или американското присуство во Европа.
За неполни седум часа престој во Москва и неколку часа разговори, Ретклиф добил соодветни сознанија за рускиот поглед на работите за кои е разговарано. Сега ќе оди кај Трамп, да го запозна со резултатите од средбата во Кремљ. Може да очекуваме дека наскоро ќе имаме одговори и за тајната средба и за тајните разговори и за тајните резултати. Но да не излезе дека, сепак, и покрај силните аргументи за другите точки, најмногу е разговарано за затворениците.
И уште една пикантерија од Москва. Според податоците на „Флајтрадар“, авион на кремљовскиот тим „Русија“, полета од аеродромот Внуково, веднаш по авионот на американските воздухопловни сили.
Мирче Адамчевски









English (US) ·
Macedonian (MK) ·