ARTICLE AD BOX
Губењето на дете не е трагедија што се преживува, туку идентитет што се распаѓа и повторно се гради од љубов. Во ова длабоко, искрено и потресно интервју, мајката на младата дизајнерка Фросина Кулакова, која пред една година беше прегазена на булеварот „ Партизански одреди“ зборува за тагата што не поминува, за мајчинството што не завршува со смрт и за болката што ја претворила во мисија, пишува Женски магазин.
Разговорот го водевме пред одржувањето на синоќешната донаторската уметничка вечер „Threads of Light“, со која официјално беше означен почетокот на работата на Фондацијата „Фросина Кулакова“. Настанот ја истакна нејзината клучна мисија- создавање долгорочна и одржлива поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии, преку психосоцијална и правна помош, како и преку фонд за стипендирање на млади талентирани уметници кои поради социјални или финансиски причини немаат можност да ја развијат својата креативност.
Фондацијата има за цел личната загуба да ја претвори во јавна мисија што гради култура на грижа, одговорност и општествена свесност, користејќи ја уметноста како универзален јазик за сеќавање и промена.
ЖМ: Губењето на дете е болка за која нема зборови. Како изгледа патот од мајка што тагува, до мајка што решава болката да ја претвори во нешто што ќе им служи на другите?
- Губењето на дете не е настан.Тоа е распаѓање на идентитетот. Распад на телото одвнатре. Распад на смислата. Во еден миг си мајка што живее за своето дете, а во следниот си мајка што учи како да дише без него. Не постои „пат“. Постојат само денови на преживување, часови на немоќ, секунди на тишина што те гуши. Во мене мајчинството не исчезна. Напротив, стана уште посилно.
Јас не продолжив без неа. Јас продолжив со неа.
Секој здив боли, но токму таа болка ме држи исправена.
Телото стои, затоа што љубовта стои. Срцето чука, затоа што љубовта чука. И во таа сурова состојба, во таа тишина што крши, се роди нешто што не беше одлука, туку нужност: ако не можев да го спасам моето дете, морам да направам сè што можам за да не згасне уште нечиј живот.
Така болката стана смисла. Тагата стана завет.Љубовта стана мисија. Фондацијата не е организација.
Таа е форма на мајчинство што одбива да умре.
ЖМ: Фросина повеќе не е само спомен. Таа е име што повикува, предупредува, обединува. Кога го изговарате името „Фондација Фросина Кулакова“, што прво чувствувате?
- Чувствувам дека ништо не е поништено. Ни времето. Ни смртта. Ни разделбата. Чувствувам дека мајчинството не престанало - само ја сменило формата. Во тоа име има болка, но има и светлина. Има празнина, но има и присуство. Има загуба, но има и продолжение.
Кога го изговарам, не чувствувам „спомен“. Чувствувам врска. Чувствувам постоење. Чувствувам присуство.
Тоа име не е минато.Тоа е глас. Повик. Предупредување.
Фросина не замина. Таа се распрсна во сите нас, за да не заборавиме дека сме должни да останеме луѓе.
ЖМ:Секоја мајка го носи своето дете во срцето. Но, Вие ја носите и нејзината мисија. Кои вредности беа најсилно вградени во Фросина кои се темел на Фондацијата?
- Фросина беше создадена од љубов и емпатија. Таа не ги гледаше луѓето површно. Ги чувствуваше. Ги разбираше. Ги носеше во себе. Имаше природна човечност, длабока чувствителност и морална чистота. Во неа живееа добрина без услови,правда без страв,љубов без интерес,грижа без очекување.Таа беше искра од љубов и создавање.
Дете што од убавината правеше јазик на душата. Овие вредности не исчезнаа со неа. Тие се темелот на Фондацијата. Тие се нејзиниот морален код. И мојот завет.
ЖМ: Какво дете беше?
- Фросина беше ведро, насмеано и палаво дете, со огромна енергија. Но, во исто време многу разбрана, тивка, кооперативна, со длабока емпатија. Просто не дозволуваше да биде покарана. Не затоа што беше тврдоглава, туку затоа што имаше чиста, искрена душа. Таа беше центарот на нашето пошироко семејство. Сите ги разбираше.
Сите ги поддржуваше. Сите ги обединуваше.
Иако најмлада, таа беше најсилната енергија меѓу нас.
Целото интервју прочитајте го на Женски магазин.









English (US) ·
Macedonian (MK) ·