Мицкоски со пресметан ризик – Три причини за брзи предвремени избори или блеф на премиерот

пред 1 недела 1
ARTICLE AD BOX

Добивај вести на Viber

Мицкоски може сам да иницира распишување вонредни избори, без да чека тоа да го сторат политичките околности во Македонија, бидејќи тој што ја има иницијативата вообичаено подобро поминува на едни предвремени избори, за кои е потребна соодветна оправданост, инаку зошто некој би го прекинувал „чистиот“ мандат кој трае до 2028 година. Премиерот помина „образовно-научна“ недела за одмор во Брисел, но опозцијата се потруди да му го загорчи престојот надвор од државата. Затоа тој не пропушти веднаш штом се врати во Македонија да го „запоседне“ теренот со неколку политички наративи, кои може да водат кон брзи предвремени избори, односно најрано што може да се организираат во предвидениот законски рок.

Но, едно е да си проактивен политичар, а друго е да водиш кампања за предвремени избори, кои барем според сегашниот изборен закон носат одреден ризик. Тоа секако е техничката влада, која за актуелниот премиер значи дека најмалку 100 дена ќе биде надвор од активна државна функција.

На негово место се назначува т.н. технички премиер чиј основен мандат е да ја подготви земјата и институциите за одржувањето фер и демократски избори. Поучени од минатото, многу често мандатите на техничките премиер траеја далеку подолго од првичните 100 дена, што и дава простор на опозицијата да ги искористи сите институционални и законски средства, додека пак лидерот на владејачката партија има ограничен пристап до јавноста и му преостанува само партиската функција за да и се обрати на јавноста и да води кампања.

Затоа, овој ризик најверојатно е пресметан од страна на Христијан Мицкоски, бидејќи неговиот рејтинг е три пати повисок од главните опозиционери, а истото важи и за владејачката ВМРО-ДПМНЕ која убедливо е прва на мерењата на рејтинзи, додека главна „дилема“ ќе биде која партија ќе биде втора во македонскиот блок, дали СДСМ која долго време е во нокдаун, или Левица, која барем досега постојано бележи раст во добиени мандати.

Во албанскиот блок најверојатно повторно ќе победи ВЛЕН, а единствена дилема ќе биде дали таа разлика ќе биде доволна за да се обезбеди „комотно“ бадентерово мнозинство. Националниот фронт кој го формираше ДУИ прилично брзо се распадна, па така со освојувањето на Алијансата на Зијадин Села, ДПА на Мендух Тачи и повеќе партии на Турците и Бошњаците кои беа во заедничката коалиција, се очекува уште послаб севкупен резултат. Притоа гравитациската сила на ВЛЕН, како владејачка партија од албанскиот блок постојано ќе се зголемува, а тоа ќе значи и поголем простор за предизборни коалиции и здружувања на силите против Али Ахмети.

Освен разјаснување на „бадентеровата" дилема, најверојатно на Христијан Мицкоски ќе му биде полесно откако ќе ја „испука" и последната техничка влада, бидејќи со промената на изборниот закон таа ќе постои само уште на следните избори, а потоа концептот на т.н. пржинска влада се укинува. Можеби подобро е да и се „дозволи" на опозицијата да влезе во техничката влада сега кога рејтингот и на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ е висок, отколку во следните години кога можеби таа позиција нема да биде толку комотна.

И секако, нов политички мандат на Христијан Мицкоски можеби ќе значи и влез во процесот наречен уставни измени, кои политички опортуно е полесно да се решаваат на почеток на нов владин мандат, отколку во последниот дел од актуелниот мандат.

Власта е прилично цврста во ставот кој го градеше со години дека единствено ќе се пристапи кон промена на Уставот и внес на бугарското малцинство, само ако Македонија добие јасни гаранции од Брисел дека тоа ќе биде последниот услов пред конечно членство во Европската Унија и дека повеќе нема да се прават национални отстапки на штета на македонскиот идентитет, култура, историја, јазик и посебност.

Иако опозицијата се обидува да наметне наратив дека власта води некаков вид на „тајни“ преговори со Бугарија, што ќе значи нов компромис, или можеби прифаќање на истиот договор кој произлезе од т.н. француски предлог, СДСМ никако не може на оваа тема да собира политички поени. ВМРО-ДПМНЕ секако, ќе мора да најде соодветно решение кое нема да значи нов удар врз националните интереси и ново национално понижување, дури тоа да значи и гол пи-ар и кризен политички менаџмент.

Сепак, секоја политичка оправданост на едни нови избори носи и одреден товар во општеството, застој на економскиот напредок, непотребно изгубени месеци во нефункционирањето на техничката влада, институционална блокада и летаргија и секако прекршување на ветувањата на Христијан Мицкоски дека ќе го одработи цел четиригодишен мандат, наместо да се губи време во предвремени избори.

Уште повеќе што нефункционирањето на правосудниот систем покажа дека не се решава единствено со промена на власта и стекнување на јасен мандат за рестартирање на системот.

Граѓаните повеќе нема да „паѓаат" на ветувањата за расчистување со високата корупција и организираниот криминал, бидејќи и по повеќе од две години власт, и смена на републичкиот јавен обвинител и натаму тој трик систем ги ослободува од одговорност сите поранешни функционери, особено тие кои беа вклучени во трагични настани кои одзедоа десетици животи, а штетата врз државниот буџет и девалвирањето на институциите се чини дека е неповратно.

Факт е дека власта преку контролата во Собранието е единствената политичка моќ која може сама да иницира вонредни избори, но токму тука ќе се види дали опозицијата ќе одговори на „блефот“ на премиерот, односно дали ќе се согласи да истрча на предвремените избори, со рејтингот што сега го има, или ќе бара одложување на изборите поради „икс-ипсилон“ изговори, недостиг на демократија, потреба од консензус за изборниот закон, поголема медиумска слобода и рамноправност во застапеноста и други можни изговори. 

Х.С. 

Прочитај ја целата статија