Право во дата центарот - Политичка зомбификација за туѓи интереси

пред 1 недела 1
ARTICLE AD BOX

Добивај вести на Viber

Дата центрите, како што претпоставуваме во претходните анализи, прераснаа во тема за дневнополитичка дебата и исфорсирана партиска застапеност на ставовите „за“ и „против" за навидум да изгледа дека постои вистинска општествена дискусија, а во позадина само се спроведува една стратегија за отворање на овие нови технолошки достигнувања од кои бенефит имаат пред се големите мултинационални корпорации, и пар локални политичари кои им создаваат слободен терен за непречено функционирање.

Дискусијата за дата центрите е класичен пример за политичка зомбификација. Тоа е процес кога една тема со висок емотивен и општествен набој се злоупотребува за политичка нарација и мобилизација на гласачите.

Еден не многу дамнешен пример е поставувањето на 5Г мрежата, кога излегоа бројни самопрогласени експерти, кои „длабоко“ истражувале на Гугл за „огромните" последици од новата мобилна технологија, од нејзиното т.н. зрачење и катаклизмичните сценарија. Тогаш јавноста многу не залепи идеолошки на оваа тема, и освен неколку маргинални политичари и партии кои јаваа на анти-5Г бранот, немаше големо расположение за преточување на Фејсбук дискусиите во став за гласање на изборите.

Сличноста сега е што повторно се појавија самопрогласени експерти кои уште поиронично, нивните „стручни“ дисертации ги базираат на прашањата кои и ги поставиле на вештачката интелигенција (бесплатната верзија на Чат-ГПТ) и што таа „мисли“ за дата центрите, кои и се насушно потребно.

Каква деградација на тастатура воините, како прво вештачката интелигенција не „мисли", барем не во буквална смисла на зборот, ниту има свој став за дата центрите. Одговорите ги базира на инпутот на тој што прашува, и според достапните информации до кои има пристап, а потоа одговорот го формулира според особеностите на јазичниот модел на кој е тренирана, и врз база на комплексноста на ресурсите кои ги користи самиот модел.

Вториот проблем со ставовите за и против дата центрите е политизацијата на темата, па така имате два спротивставени табори кои единствено настапуваат на темата без емоции, нијанси или специфични детали од случај до случај, туку само папагалски го повторуваат тоа што им го пренел „комесарот“.

Очигледно е дека во земјава постои стратегија за привлекување инвестиции во дата центри и тоа не го крие особено владата, но тоа што недостасува е јасна процедура, какви капацитети ќе се градат, под кои услови, дали државата од тоа ќе добие компјутерска моќ за сопствените потреби, какви ресурси ќе бидат ставени на располагање и како нивната работа ќе влијае на локалното население.

Тоа би било доволно за една разумна дебата, наместо прогласување на цел народ од некои провладини мегафони дека е неписмен, и заглавен во менталитетот некаде пред повеќе од 100 години во „турско“.

Од друга страна и формулаичните напади против дата центрите, кои патем треба да бидат одлика на левицата, а не на социјалдемократите, делува како едно стихијно опозициско реагирање, колку да се фати некаков бран на незадоволство, изразено пред се преку статуси на социјалните мрежи, цели фермани за тоа како дата центрите ќе ни ја потрошат целата вода и струја и ќе ја уништат плодната земјоделска почва.

Еј, која иронија тие муртинските трговци кои го убедија земјоделецот дека е подобро да инсталира фотоволтаици наместо да одгледува „чушки и френки“, и тие кои го дозакопаа македонското земјоделство во екот на кризите со цените на храната, е тие ќе делат морални лекции за „спас на македонската почва“.

Секој добро информиран граѓанин не смее да дозволи темите за дата центрите, рудниците, малите хидроцентрали и други инвестициски проекти кои имаат висок импакт врз животната средина, да ги носи своите ставови и заклучоци врз база на партиските команди.

Секоја инвестиција има свои особености, поголеми или помали ефекти врз околината, и економска и пазарна исплатливост. Државата секако до одредена мера има дискреционо право да доделува приоритетен статус на странски или домашни инвестиции, но мора да биде земено во предвид и локалното население и последиците со кои потоа ќе живее.

Приватниот интерес и крупниот капитал по својата природа најчесто не „прашуваат“ за демократски и транспарентни процедури, ниту за локалниот развој, правото на заедничко користење и ползување на ресурсите, туку гледа единствено како да го максимизира профитот.

Затоа секоја критика врз стратегијата за дата центри не треба да се карактеризира како одговор на „простата раја“ туку како прашање кое има реални ефекти врз конкретното подрачје.

Македонија мора да се развива, да привлекува странски технологии, знаење и капитал, но истовремено мора да ги заштити своите стратешки интереси, како што се пристап до чиста вода, струја, храна и безбедност. Без тие особености сме само колонијална територија со илузија на државност и самостојност.

Х.С.

Прочитај ја целата статија