СДСМ се зацврсти како опозициска партија на ... Александар Вучиќ?!

пред 1 недела 1
ARTICLE AD BOX

Добивај вести на Viber

СДСМ прераснува во една од најмоќните опозициски партии на Александар Вучиќ, претседателот и долгогодишен политичар на Србија. Партиските соопштенија, сменетиот вокабулар, и фокусот на сурогатите на СДСМ кон т.н. српски свет и српската медиумска мрежа блиска до СНС на Вучиќ и Фидес на Орбан ги прави квалитетна опозициска партија, која очигледно подобро би функционирала доколку настапува во Белград отколку во Скопје.

Промената во партиската тактика се забележува откако лидерството го презеде Венко Филипче, и често во соопштенијата кои се лиферуваат од Бихаќка се споменуваат референци, настани и политичари од српската политичка сцена, кои речиси воопшто не се релевантни за македонското општествено секојдневие. 

Таа реторика се засилува откако поголема групација на српски медиуми го смени сопствеништвото по што се очекува и промена на уредувачката политика која ќе биде наклонета во полза на владејачката СНС и лидерот Александар Вучиќ.

Преземањето на лиценцата на медиумската корпорација Еуроњуз и најавите дека таков канал ќе се отвори и во Македонија под можно уредништво на Драган Павловиќ Латас и Ивона Талевска, поранешните главни уредници на ТВ Сител, беше доволен повод да се активира анти-Вучиќ алармот во СДСМ.

Донекаде можеби е разбирлив антагонизмот кој СДСМ го гаи кон овие новинари од „времето на Груевизмот“ и тогашната медиумска слика, но како тоа по автоматизам значи и ширење на српскиот свет или вучиќизацијана Македонија, најверојатно знаат само од Бихаќка.

Целата политичка нарација на СДСМ се базира на една фраза од извештај на Европскиот парламент за ширењето на т.н. српски свет во Македонија, кој беше вметнат од бугарските европратеници. Станува збор за српска политичка доктрина за ширење на нивното влијание во регионот како хегемонистичка сила. Тоа за волја на вистината во последно време е проследено со серија на настапи на српски историчари и политичари кои зборуваат за некаква Стара Србија.

Во нивните махинации се врши изедначување на владеењето на српскиот цар Душан и династијата Немањиќи со народите кои живееле на просторите на нивните царства, вклучувајќи го и македонскиот народ.

За разлика од бугарската пропаганда, овие пропагатори на српскиот свет претендираат на духовниот елемент, преку влијанието на манастирите и црквите кои биле градени во ерата на српските цареви, создавајќи услови за еден вид континуитет на кој денес полагаат целосно свое право.

Но, официјалната политика на Србија кон Македонија засега не е променета и нема негирање на македонската нација, јазик, култура и посебност, како што тоа го прави официјално Бугарија преку ветото и преку едногласните резолуции изгласани во бугарскиот парламент.

Ширењето на српскиот свет секако се врши и полуофицијално, преку поддршка на една широка медиумска мрежа, која опфаќа канали од крајни радикали кои имаат практично репутација на теоретичари на заговори, па се до програми на националните медиуми каде „срамежливо“ се говори за Стара Србија.

Но, пак тука треба да се направи дистинкција меѓу политичко делување кое повеќе одговара на јавноста во Србија, каде се одржаа десетици масовни антивладини протести, но без краен ефект, и опозициско делување во македонски услови каде опозицијата е во нокдаун, и никако не успева да „убоде" една политичка нарација против власта, без притоа самата да падне во сенката на своето минато и нарушена репутација, од борбата за правда, до капитулациите во надворешната политика.

Дури и радоста на СДСМ за победата на Петер Маѓар во Унгарија е неразбирлива бидејќи на власт остана десницата, додека левичарите и социјалдемократите се целосно поразени.

Да се прават паралели меѓу Орбан кој владееше две децении во Будимпешта и Мицкоски кој на власт е нешто повеќе од две години, е политички смешно, дури и меѓу двајцата политичари да има многу сличности, сојузи и поврзана меѓусебна поддршка.

Унгарија секако сака да се проектира како регионална сила на просторите на поранешната нивна империја, а Србија тоа  сака да го реплицира во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и донекаде во Македонија. Тоа секако се теми кои треба да се следат и на кои треба соодветно да одговарат македонските државни институции.

Но, опсесијата со Вучиќ и Орбан и нивно проектирање во македонската политика, користејќи се со речник кој го употребуваат српските опозициски политичари, активисти и медиуми, преку сурогатите на СДСМ, повеќе личи на проектна задача и привремена кампања отколку како квалитетна опозициска тактика за мобилизација на македонските антивладини сентименти.

Х.С.

Прочитај ја целата статија