Се изнаслушавте ли ВИ песни на македонско радио – Како ААВМУ ги регулира овие содржини

пред 2 недели 1
ARTICLE AD BOX

Добивај вести на Viber

Периодов на македонските радио станици зачести пуштањето на песни кои се креирани со помош на вештачка интелигенција, поконкретно создадени преку апликацијата Суно, што отвори бројни прашања дали ваквите содржини треба да се регулираат и дали со самиот факт што се емитуваат ВИ песни автоматски значи дека „опаднале“ музичките и уредувачките критериуми на македонските радио станици.

Најверојатно повеќето слушатели воопшто не ни забележале дека на радио станиците има некаква промена, но тие кои се подлабоко упатени добро знаат да препознаат ВИ генерирана песна бидејќи Суно има одреден стил кој е репетитивен, особено при креирање на вокалите и одредена синтетичка инструментација. Но, што велат надлежните институции како Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Во ААВМУ прашавме дали вршат надзор за ваков вид на содржини, дали истите е дозволено да се емитуваат и на кој начин и потребни ли се одредени назнаки дека содржината е генерирана со помош на ВИ?

„Во македонското законодавство прашањето за употребата на вештачката интелигенција (ВИ) при создавањето и емитувањето медиумски содржини сè уште не е посебно и сеопфатно регулирано. Во моментов не постои општа забрана за емитување содржини создадени со помош на ВИ, ниту, пак, посебна изречна обврска во медиумската регулатива секоја радио или телевизиска содржина создадена со помош на ВИ да биде означена како таква“, велат од ААВМУ.

Од ААВМУ дополнуваат и дека содржините создадени со помош на ВИ не се целосно исклучени од нивниот надзор.

„Самото користење на ВИ, односно самото неозначување на содржината како создадена со помош на ВИ, во моментов не претставува посебно утврдена основа за надзор или санкционирање, но содржината може да биде предмет на надзор доколку со неа се повредат други обврски утврдени со закон или со подзаконските акти“, одговорија од ААВМУ.

Исто така од ААВМУ велат дека сепак, од аспект на транспарентноста кон публиката, особено кога станува збор за содржини кај кои употребата на ВИ може да влијае врз начинот на кој јавноста ја разбира или ја оценува нивната автентичност, сметаат дека е добра практика јасно да се наведе дека при нивното создавање или обработка е користена ВИ.

„Во оваа насока, значаен чекор претставува и новиот Кодекс на новинарите на Македонија, кој содржи посебни одредби поврзани со употребата на вештачката интелигенција во новинарството. Во Кодексот е наведено дека „создавањето новинарска содржина со вештачка интелигенција мора да биде јасно означено“. Истовремено, Кодексот нагласува дека новинарот останува целосно одговорен за точноста на информациите и интегритетот на медиумскиот производ, дека е неприфатливо користењето на ВИ за создавање или ширење лажни, манипулативни или суштински изменети содржини кои можат да ја доведат јавноста во заблуда, како и дека новинарскиот производ не смее да претставува целосно генерирана содржина од ВИ“, стои во одговорот на ААВМУ.

Европската Унија неодамна донесе нова регулатива со која се наложува означување на содржините генерирани со вештачка интелигенција за поголема транспарентност при објавување.

„На европско ниво, во последниот период се усвојуваат и развиваат нови правила и насоки со кои се уредуваат различни аспекти од употребата на вештачката интелигенција, вклучително и прашањата поврзани со транспарентноста и означувањето на синтетичките и манипулираните содржини. Особено значаен во овој контекст е Актот на Европската Унија за вештачка интелигенција (EU AI Act), кој предвидува одредени обврски за транспарентност во однос на содржини генерирани или манипулирани со ВИ, вклучително и deepfake содржини и одредени текстови објавени со цел информирање на јавноста за прашања од јавен интерес. Овие правила се особено значајни и за нашата држава, како земја кандидат за членство во Европската Унија, и претставуваат важна референца при идното унапредување и усогласување на националната регулатива“, велат од ААВМУ.

Исто така ги прашавме од ААВМУ дали имаат упатено напатствија до македонските радио станици, каква е праксата на европската регулатива по ова прашање и дали истата може да се примени или надгради во македонското законодавство.

„Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги следи европските регулаторни текови и практики во оваа област, со цел при идното креирање и унапредување на регулаторната рамка во земјава да се земат предвид специфичностите на медиумскиот сектор, потребата од заштита на јавноста од манипулативни содржини, но и зачувувањето на слободата на медиумите и уредничката независност“, заклучуваат од ААВМУ.

Генеративната вештачка интелигенција станува секојдневие од креативноста и уметноста, особено во музиката, филмот и дизајнот, и зависно од квалитетот на изработката, креативните решенија и начинот на кој се користат ВИ алатките може да се оценува едно дело, што на крајот од краиштата е и прашање на личен вкус.

Радио станиците треба и особено да внимаваат на песни генерирани со Суно кои може да ги повредат авторските права, бидејќи со мали интервенции многу лесно може да се злоупотреби софтверот за „ремикси“ на веќе етаблирани песни, или нивно компилирање во една „нова“ композиција.

Секако медиумите, издавачите и промотерите треба да внимаваат да не ги доведат во заблуда гледачите, слушателите и читателите и пожелно е да се наведе, секогаш кога тоа го бара самото дело или објава, да се назначи дека посочената содржина е креирана со помош на ВИ.

Х.С.

Прочитај ја целата статија