ARTICLE AD BOX
Поранешниот украински министер за одбрана, Михаил Фјодоров, го загуби првиот дуел со претседателот, Владимир Зеленски. Тој пред две недели му постави ултиматум на Зеленски, до 18 август на седница на Парламентот, да го врати на министерската функција или претседателот ќе има проблеми. Пред два дена, Фјодоров кога виде дека Зеленски „го заборавил“, во десетминутна снимка побара претседателски избори. Одлуката на Радата(парламентот) на вчерашното гласање беше силна шлаканица за Фјодоров. Но, истовремено отворање на патот на Украина кон политичка криза, која е најмалку добредојдена во време на војна.
Украинскиот парламент, без ниту еден глас против, со 312 гласа го избра, Евгениј Хмара, за нов министер за одбрана. Ниту една парламентарна фракција не зуцна збор против Хмара. Колку за споредба. На истата седница се избираше и министерот за надворешни работи на Украина. Андреј Сибига, досегашниот министер, беше реизбран со 226 гласови. Што значат резултатите од гласањето? Особено од изборот на Хмара. Зеленски ја има целосната контрола над парламентот. И не само поради неговата фракција, „Слуга на народот“, која има повеќе од половина места во Радата. Опозиционите партии во случајов му покажаа црвен картон на Фјодоров. Го исклучија од можноста и му ја урнаа надежта одново да биде министер за одбрана. Ќе мора да чека некои нови времиња. А пресуден ќе биде крајот на војната.
Патем, деновиве во Украина имаше голема медиумска кампања и јавни протести, организирани во поддршка на Фјодоров. Се смета дека зад него стојат „грантистите“, како што во Украина ги нарекуваат невладините организации, потоа, индиректно, антикорупционерите, поддржани од Демократската партија од САД, а сега од Европа, и некои бизнисмени. Не се споменуваат генерали, кои, инаку, радо не ја прифатија смената на Фјодоров од министерското место. Пред гласањето, поддржувачите на Фјодоров се собраа на протест пред зградата на парламентот. На одлуката на пратениците тие одговорија удирајќи тапани и скандирајќи „Срам! Срам!“
Денешниот избор во Радата беше проследен и со објавите на Националното антикорупциско биро и Антикорупциското обвинителство за „специјална операција“ против заменикот на раководителот на Кабинетот на претседателот, Ирина Мудра и Вадим Столар, за кого велат дека е неформален куратор на пратеничката група „Обнова на Украина“, кој редовно и’ помага на власта кога ќе и требаат гласови во парламентот. Зеленски веднаш ја смени Мудра, а Столар, наводно ја напуштил Украина. Овие потези потврдуваат дека на Зеленски нема да му биде лесно во наредниот период. Соработниците му ги апсат или ги обвинуваат, тој не ги спасува, а не е чудо таа работа уште повеќе да се забрза. Во крајна линија, антикорупционерите да го натераат, да го притиснат, Зеленски да распише избори. Што значи политичката криза може да ескалира.
КАДРОВСКИ ИГРИ
Некои аналитичари укажуваат дека работите се многу сложени. Порано и Петар Порошенко, и Зеленски, досега, немале проблем со „силовиките“ (воено-безбедносните сили). Тие биле под нивна контрола. Но, по најновите промени во командувањето со војската, што ги направи Зеленски, работите можат да му бегаат од раце. Затоа е опасно ако дојде до немири во армијата на која не и е сеедно што прават политичарите додека војници гинат на фронтот. Уште поопасно би било ако немирите ги организира новиот главен командант, Михаил Драпати, кој е многу близок до Фјодоров. Засега Зеленски не му ги одобрил сите негови назначувања во командниот корпус, со што не е затворен посакуваниот команден круг. Коментирајќи го изборот на Хмара, Зеленски нагласи дека тој „не ги фрла зборовите во ветер“. И од него очекува да го рашири пространството на длабоките удари на руска територија. Тој посебно нагласи дека веќе е воспоставена добра соработка меѓу Хмара и главниот командант на украинските вооружени сили, Драпати.
Украинскиот претседател, засега, мошне добро ги игра кадровските игри. Може само да се замисли што ќе беше во даденава ситуација, ако Драпати беше главен командант, а Фјодоров министер за одбрана? Вака Хмара ќе биде како клин кој нема да дозволи некој генерал да помисли дека лесно може да се удри врз претседателот. И Службата за безбедност е под кадровска контрола на Зеленски. И надворешното разузнавање. Службата за безбедност на Украина и Националното антикорупциско биро, лани пролетта веќе имаа меѓусебни искричења, кога Европската Унија застана на страната на антикорупционерите. Зеленски сигурно е желен за реванш. Тогаш неколку луѓе блиски до него мораа да ја напуштат Украина, други да бидат обвинети...Спротивставеноста меѓу антикорупционерите и „безбедњаците“ останува да тлее. И работите во иднина многу ќе зависат од тоа дали ќе дојде до пожар.
Односите меѓу Зеленски и Фјодоров, може да се опишат со реченицата на Трамп за рускиот претседател, Владимир Путин и Зеленски. Парафразирано, „станува збор за лична нетрпеливост“. И во такви услови нема договор за мир меѓу нив. За првите двајца е добро што нема жртви од нивната меѓусебна нетрпеливост. Барем засега. Еве интересно гледање на еден медиум во Украина на односот меѓу Зеленски и Фјодоров. „Вреди да се напомене една важна поента. Актуелната политичка борба во Украина во суштина се сведе на спор меѓу Зеленски и Федоров и круговите што добиваат грантови, зад него. И двајцата противници имаат медиумски и финансиски ресурси, како и влијание врз безбедносните сили, судовите и политичкиот естаблишмент. Во исто време, обете сили имаат приближно ист став за војната: тие не гледаат проблем во нејзиното продолжување, бидејќи живеат од западната помош доделена за водење на војната, која ја користат на различни начини. А борбата меѓу нив е натпревар за примат во овој процес“. Мал коментар на ова искажување. А тоа е јавна тајна. Доаѓаат многу пари од Западот. Многу исчезнуваат без трага. Затоа и битката, кој ќе ги зема парите од Западот, кој ќе ги троши и како?
ЕВРОПА И САД МОЛЧАТ
„Европска правда“, коментира, „Именувањето на Евгениј Хмара во Министерството за одбрана е прилично лоша работа. Сите се согласуваат дека бил супер добар во СБУ, но тоа не значи дека неговата ефикасност ќе се пренесе во Министерството за одбрана. Министерот за одбрана денес е менаџер за набавки, политичар и специјалист за меѓународни односи (бидејќи финансирањето е и ќе биде од странство). А Хмара воопшто не зборува англиски. Исто така, нема никакво политичко искуство, што би бил некаков критериум. Тој ќе е менаџер за набавки. Но, засега имаме ситуација каде што ефикасно лице е отстрането од СБУ за да биде назначено во Министерството за одбрана, знаејќи дека во најдобар случај ќе биде делумно ефикасно таму“. Па токму затоа е избран! А што, ако беше Фјодоров? Човек со политичко искуство, со англиски, со меѓународни врски, човек кој што веќе учествуваше во набавки на вооружување и опрема...Што ќе работи тогаш Зеленски? Сите ги премолчуваат парите што се одлеваат лево и десно од западната помош.
А Европа и САД засега јавно молчат за она што се случува во Украина. Сигурно има некои затворени разговори. Но нема ништо за корупцискиот скандал од вчера. Нема ништо за барањата на Фјодоров да се одржат претседателски избори или за новите министри за одбрана и за надворешни работи. Доаѓаат некои слаби бранови носејќи незадоволство од корупцијата во Украина. Срамежливо се споменуваат неостварените ветувања дадени на ЕУ пред отворањето на првите кластери. Ај, Американците сега не даваат пари, туку добиваат од ЕУ за купување оружје за Украина, ама Унијата веќе има одобрено 90 милијарди евра, а згора на тоа за наредната година се планираат уште околу 100 милијарди евра. И таа гледа како двајца украински политичари се караат, кој да биде менаџер за набавки, пред се!
Фјодоров незадоволен од вчерашниот епилог во Радата, планира да замине во САД. Јавно се знае за неговите добри односи со Илон Маск. The Guardian синоќа пренесе дека тој размислува наредната недела да ги посети САД во обид да добие поддршка од Американците. Инаку во минатото, покрај Русија која го доведуваше во прашање легитимитетот на претседателот Зеленски, мандатот му бил истечен во 2024 година, и Доналд Трамп не еднаш зборуваше за претседателски избори во Украина.
Инаку, во Украина мнозинството е против избори. Анкетите на јавното мислење постојано покажуваат дека огромното мнозинство Украинци не сакаат избори да се одржат пред да се склучи мировен договор со Русија. Според анкета објавена овој месец од страна на Меѓународниот институт за социологија од Киев (КМИС), само 15 проценти од Украинците го поддржуваат одржувањето избори пред крајот на непријателствата. Причините се различни. Прво законски, за време на воена состојба нема избори. Невозможно е да се обезбеди безбедноста на гласачите на гласачките места. Невозможно е да се гарантира правото на воениот персонал да гласа и да биде избран - а тоа се повеќе од милион луѓе. Ако припадник на службата одлучи да се кандидира, командантот е должен да му обезбеди можност да ја спроведе својата изборна кампања - во неговата изборна единица, а не на фронтот - односно е должен да го ослободи. Да ослободи секој што ќе изрази желба да учествува на изборите, дури и како технички кандидат. Изборните права на воениот персонал не можат да бидат ограничени. Не може да им биде забрането да учествуваат на избори и да спроведуваат целосна кампања. Затоа и повиците, прво, да се укине воената состојба, а потоа да се одржат изборите.
Се размислува и за електронско гласање преку апликацијата „Дија“, која е дело токму на Фјодоров. Ова и во наш контекст околу дискусиите за електронско гласање на дијаспората или дома. Во Украина велат дека „вжештени глави предлагаат измени во законодавството за да може да се гласа со „Дија“. Се смета дека на тој начин ќе се решат некои безбедносни прашања, технички, правни. Но останува загриженоста за сајбер безбедноста. Останува прашањето за пристапот до гласачките права за оние кои немаат паметни телефони. Останува проблемот со избирачките списоци, во земја во војна со внатрешно и надворешно преселени десетина милиони жители. Останува проблемот што изборите со „Дија“ не се независни – апликацијата е контролирана од украинската влада. Конечно, изборите, според уставот, се вршат со тајно гласање. А гласањето на изборите преку „Дија“ нема да е тајно. И нив нема да ги признае никој во светот.
Дебатите околу изборите, резултатите од гласањето во Радата зборуваат за најава на очигледна политичка криза во Украина. Зеленски и Фјодоров досега не можеа да најдат компромис. Дали ќе ги натера Западот или ЕУ? Доколку не го најдат, тогаш ќе зборуваме за ескалација на политичката криза во земјата. Некои Украинци веќе ги споменуваат годините на украинската војна за независност или граѓанската војна од почетокот на минатиот век. Во годините по падот на Руската империја чиј дел со векови беше и Украина. Години кога беше прогласена Украинска Народна Република. Која завршува неславно. Земјата е поделена и исчезнува од географската карта. Дел од неа се приклучува кон Советскиот Сојуз, како Украинска ССР, дел во Полска, дел во Романија и во Чешка. Оттука и прашањето дали на Украина во моментов и се потребни политички кризи, во услови кога веќе подолго од четири години се води војна, која не се знае кога и како ќе заврши.
Мирче Адамчевски
*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор









English (US) ·
Macedonian (MK) ·